Еди Шерифовски е петтиот македонски спортист кој ќе настапи на Олимписките игри во Париз
Македонскиот олимписки комитет беше информиран дека, со заедничка одлука на Меѓународниот олимписки комитет и Меѓународната Џудо Федерација, врз основа на постигнатите резултати и постоечките правила, најдобриот македонски џудист, Еди Шерифовски (категорија -81 кгр) ќе учествува на Олимписките игри Париз 2024.
Препорачано
Со ова продолжува трендот на континуирано учество на македонските џудисти и џудистки, имајќи во предвид дека ова се трети Олимписки игри по ред на кои учествуваат најдобрите македонски спортисти и спортистки во Џудо.
Претходно Катерина Николовска во РИО 2016 и Арбреша Реџепи ТОКИО 2020 учествуваа на Олимписките игри, а сега и Еди Шерифовски.
– Силно веруваме дека Еди ќе го пружи своето најдобро во Париз и дека заедно со својот тренер Горан Мицковски ќе постигнат одличен резултат на претстојните Олимписки игри – пренесуваат од Македонскиот олимписки комитет.
Инаку Шерифовски е петтиот учесник од Македонија на ЛОИ 2024, нашата земја во францускиот главен град ќе ја претставуваат и Дарио Ивановски (атлетика), Мила Рељиќ (таеквондо), Анастасија Мојсовска (стрелаштво) и Владимир Егоров (борење).


