Еден од најдобрите светски пливачи се откажа од родителите и го зема презимето на сопругата
Британскиот олимписки шампион и една од најголемите пливачки ѕвезди, Адам Пити, донесе одлука која предизвика бурни реакции во британската јавност. На претстојните Игри на Комонвелтот ќе настапува под ново, двојно презиме, Ремзи-Пити, со што, според британските медиуми, симболично ги прекинува и последните врски со своето потесно семејство.
Препорачано
Триесет и едногодишниот Пити, кој воедно е и највозрасниот член на англискиот тим, ќе се обиде во јули во Глазгов да стане првиот британски пливач со златни медали на четири последователни Игри на Комонвелтот.
Местото во националниот тим го обезбеди по убедливата победа на 100 метри градно на априлското првенство на Велика Британија. Ова ќе биде и неговото прво големо натпреварување откако во декември минатата година стапи во брак со инфлуенсерката Холи Ремзи, ќерка на славниот готвач Гордон Ремзи.
Но, зад спортските успеси се крие и тешка семејна приказна. Иако во минатото своите родители, Марк и Каролин, јавно ги нарекуваше херои на неговата кариера, односите меѓу нив целосно се распаднале. Кулминацијата на конфликтот била кога неговата мајка Каролин воопшто не била поканета на свадбата.
Според британските медиуми, проблемите започнале уште пред свадбата, кога Каролин не била повикана на моминската вечер на идната снаа. Извори блиски до семејството тврдат дека Пити значително се променил откако е во врска со Холи и дека смета дека неговото биолошко семејство не припаѓа во новиот, гламурозен свет во кој сега живее со семејството Ремзи.
Adam Peaty takes the final step in cutting ties with his family amid bitter feud – after his estranged mother revealed the sacrifices she made to support his Olympic dream https://t.co/Ks0hncolos
— Daily Mail (@DailyMail) May 13, 2026
Приказната е уште поболна ако се земат предвид жртвите што неговите родители ги направиле за неговата кариера. Како тинејџер, Пити секојдневно патувал на интензивни тренинзи во Дерби, а најголемиот товар паѓал врз неговата мајка.
Каролин станувала во четири часот наутро за да го вози 40 минути до базенот, потоа чекала со часови додека траеле тренинзите, па се враќала дома и продолжувала на својата редовна работа како менаџерка во градинка. Истата исцрпувачка рутина се повторувала и навечер.
Во тој период семејството се соочувало и со сериозни финансиски проблеми, па соседите организирале хуманитарни скари и забави за да соберат пари за гориво и патувања на натпревари низ Велика Британија.
Колку нивниот живот бил подреден на кариерата на Пити покажува и фактот што неговата мајка првпат патувала со авион дури за Олимписките игри во Рио де Жанеиро, бидејќи претходно сите слободни денови ги користела за неговите натпревари.
Во меѓувреме, сопругата Холи и семејството Ремзи станале неговата најголема поддршка.
За време на свадбата, Гордон Ремзи одржал говор кој, според дел од медиумите, содржел и алузии кон односот со семејството на Пити, иако познатиот готвач подоцна ги демантираше тие шпекулации.
„Тешко е да се надмине говорот на Гордон. Неверојатно е да се има нивната љубов и поддршка. Тој успеа да ја обедини целата просторија, а за мене токму тоа е вистинската смисла на свадбата“, изјави Пити.
Британецот зад себе има импресивна кариера, осум светски титули, три олимписки злата и дури 13 светски рекорди. Неговата доминација во базенот често се споредува со онаа на Усеин Болт во атлетиката и Мајкл Џордан во кошарката, а дури 16 пати бил и европски шампион.


