Џакарта забрани продажба и консумирање месо од кучиња и мачки
Индонезискиот главен град Џакарта ќе ја забрани продажбата и консумирањето месо од кучиња и мачки во иднина, објави денес гувернерот на Џакарта, Прамоно Анунг, наведувајќи дека мерката е воведена за борба против беснилото, кое убива десетици луѓе во Индонезија секоја година.
Препорачано
Тој рече дека потпишал соодветен декрет во понеделник, со кој се забрануваат сите активности насочени кон „консумирање животни што можат да пренесат беснило“, објавува „Шпигел“.
Забраната се однесува на живи животни, нивното месо и „други производи, без разлика дали се сурови или преработени“.
Определен е преоден период од шест месеци, по што на прекршителите би можеле да им бидат одземени лиценците за работење.
Индонезија е една од ретките земји во светот каде што е дозволена продажба на месо од кучиња и мачки.
Како што објаснува германскиот весник, во Индонезија, каде што мнозинството жители се муслимани, кучињата се сметаат за нечисти и ретко се чуваат како домашни миленици, но нивното месо сè уште се смета за деликатес во некои заедници.
Беснилото е сè уште широко распространето во Индонезија.
Вирусот, кој може да биде смртоносен, најчесто се пренесува од кучиња и мачки, главно преку каснувања.
На популарниот туристички остров Бали, бројот на инфекции е исто така во пораст, а властите предупредуваат за мајмуните како потенцијални носители на вирусот.


