Бесар Дурмиши/ Фотографија: „Слободен печат“

Дурмиши: Нема да има вонредна корекција на минималната плата, ќе букне инфлацијата

Ако минималната плата биде 500 евра, според анализите на Министерството за економија, ќе имаме инфлација од 8-9 проценти

Ако се зголеми минималната плата како што бараат синдикатите, сите анализи покажуваат дека ќе се зголеми инфлацијата, категоричен е министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Тој вели дека процените покажале оти со минимална плата од 500 евра, може да се очекува инфлација од 8 до 9 проценти.

– Според анализите во Министерството за економија немаме никаква основа за зголемување на минималната плата. Минималната плата ќе се коригира во март наредната година, како што е утврдено со закон по формулата што беше прифатена од сите партнери во Економско-социјалниот совет, односно од работодавачите, синдикатите и Владата. Според таа формула, минималната плата 50 отсто се усогласува со растот на трошоците за живот и 50 отсто со растот на просечната плата во претходната година – рече Дурмиши на брифингот со новинарите.

Покрај што платите би ја разгореле инфлацијата, според Дурмиши тие би нанеле голем удар на малите и на средните компании.

– Со таков притисок на овие компании можеме да се соочиме со отпуштање работници – рече Дурмиши.

Би бил херој, но не ни треба популизам

Тој вели дека растот на платите во администрацијата и растот на пензиите довеле до сегашниот раст на инфлацијата и посочи дека во иднина не би требало да се носат популистички мерки.

– Затоа и имаме инфлација од 4,5 проценти. Ги зголемивме платите во образованието, во здравството и во полицијата, но ова се сектори што се столб на општеството и тоа требаше да го направиме. Зголемувањето на пензиите беше наше изборно ветување и го исполнивме. Растот на платите во јавниот сектор направи одреден притисок тие да се зголемат и во приватниот сектор. Јас би бил херој ако кажам дека од утре минималната плата е 500 евра, или поголема, но тоа ќе направи проблеми со инфлацијата. Затоа сметам дека не треба да излегуваме со краткорочни популистички мерки, туку креираме долгорочни мерки што не се само во Министерството за економија, туку нивни носители се повеќе институции – кажа Дурмиши.

Тој рече дека очекува намалување на инфлацијата во ноември.

– Ќе ги видиме податоците за ноември, но ланскиот октомври имавме мерки од страна на државата за замрзнување на маржата, нешто што го немавме во ноември. Затоа кога ќе се спореди ноември со ланскиот ноември, јасно е дека ќе добиеме податок за пониска инфлација. И сега, октомври во однос на септември имавме намалување на трошоците за живот за 0,2 проценти, но ако се спореди октомври со ланскиот октомври имаме инфлација од 4,5 проценти, Цените на мало во октомври се намалени за 1,3 проценти во однос на септември, а на годишно ниво се зголемени за 2,8 проценти – појасни министерот.

Нема да има замрзнување на маржите

Тој смета дека во вакви услови нема потреба од некои краткорочни мерки како што е замрзнување на цени или ограничување на маржа.

– Краткорочните решенија прават проблеми во наредните 3-4 месеци. Минатата година забележавме неоправдан раст на цените од страна на трговците и затоа тоа го направивме. Ако, нешто такво пак се случи, како што обично практикуваат околу празници, тогаш пак би интервенирале – вели Дурмиши.

Тој рече дека и минималната потрошувачка кошница веќе е подготвена како предлог и дека е доставена до Економско-социјалниот совет. Ако нема предлози од нивна страна, во текот на месецов или наредниот, ќе биде усвоена како методологија за пресметка на основните неопходни трошоци за едно семејство. Основната разлика од сегашна кошница што ја пресметува Синдикатот, а која за октомври е 65.544 денари, според Дурмиши е тоа што Синдикатот ги земал цените од поскапите маркети, додека во новата кошница се земаат просечните цени од 10 маркети.

На терен, пак, секојдневно се менуваат цените на прехранбените производи. Особено забележлив е растот на цените на маслото за јадење, на јајцата и на чоколадните производи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот