ДУИ го обвини Мицкоски за укинување на „Балансерот“, тој возврати дека етничките поделби не се дел од неговиот пристап
Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата и нагласи дека токму владата на ДУИ и СДСМ донела одлука со која препорачала укинување на балансерот.
На денешната седница за пратенички прашања во Собранието, пратеничката Рина Ајдари од Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ го обвини премиерот Христијан Мицкоски, тврдејќи дека актуелната влада ја укинала правичната етничка застапеност и донела закон без реална правна тежина.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ајдари истакна дека пред две години, на првата седница на новата Блада бил тргнат „Балансерот“, кој, според неа, обезбедувал правично вработување на сите етнички заедници.
– Речиси две години државата функционира без законска заштита за Албанците и другите заедници при вработување. Скандалот станува уште поголем ако се има предвид дека во Министерството за односи меѓу заедниците – институција задолжена за спроведување на Охридскиот рамковен договор министерот Иван Стоилковиќ отстранил од работа седум вработени. Ова претставува чиста дискриминација, за која, ниту еден претставник на Владата не го подигна гласот. Овој закон што е многу значаен за Албанците и другите заедници беше ставен во рацете на професорката Каракамишева која е позната како националист против Албанците – порача Ајдари.
Во својот одговор, премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата и нагласи дека „не е точно“ дека балансерот бил укинат со доаѓањето на неговата влада. Тој посочи дека токму владата на ДУИ и СДСМ, во која прв вицепремиер бил Артан Груби, донела одлука со која препорачала укинување на балансерот, што подоцна било нотирано и во скрининг-извештајот на Европската Унија.
Мицкоски истакна дека ДУИ им должи извинување на граѓаните, особено на Албанците, за, како што рече, ширење невистини од собраниската говорница. Во однос на новиот Закон за правична застапеност, премиерот нагласи дека истиот добил позитивна препорака од Венецијанската комисија и дека таквите препораки, согласно методологијата за пристапување кон ЕУ, се спроведуваат без политичко коментирање.
„Како претседател на Владата, јас сум премиер на сите граѓани, без разлика на етничка, верска или политичка припадност, и така ќе продолжам да се однесувам“, изјави Мицкоски, додавајќи дека етничките поделби не се дел од неговиот политички пристап.
Премиерот оцени дека ваквите настапи на ДУИ нема да им донесат политички поени, туку дополнително ќе ја поткопаат нивната кредибилност, повикувајќи ги да ја прифатат одговорноста за одлуките донесени во претходниот владин мандат.


