Албанскиот политички блок му се налути на Костадиновски – ДУИ бара негова оставка, а од Вреди велат дека Уставниот суд наликувал на југословенска политичка елита
Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагира на изјавите на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, поврзани со проектот „Безбеден град“, оценувајќи ги како скандалозни и неприфатливи.
Препорачано
Од партијата соопштија дека ставот според кој СМС-пораките во рамки на системот „Безбеден град“ треба да се испраќаат само на македонски јазик, а можат да се испраќаат и на англиски, но не и на албански, претставува дискриминација и кршење на духот на Уставот.
Според ДУИ, со оваа постапка „претседателот на Уставниот суд ги надминува своите надлежности и брутално интервенира во правниот поредок и во меѓуетничките односи во државата“.
Од партијата тврдат дека во последните две години Уставниот суд носел одлуки кои, според нив, ги поткопуваат достигнувањата од Охридскиот мировен договор. Притоа посочуваат дека албанските и турскиот судија во Судот биле надгласани.
ДУИ побара итна оставка од Костадиновски, како и од секој судија кој, според нив, ги поддржува ваквите ставови.
„Во спротивно, тој ќе сноси целосна одговорност за секоја последица што може да се појави на планот на меѓуетничките односи, велат од ДУИ.
Во реакцијата, партијата упатува и критики кон коалицијата Вреди, оценувајќи дека е коодговорна за, како што велат, антиуставните постапки на Уставниот суд.
Реакција има и од коалицијата Вреди, од каде велат дека имаат впечаток дека „овој состав на Уставниот суд повеќе наликува на југословенска политичка елита отколку на највисока судска инстанца“.
„Употребата на албанскиот јазик е основно човеково право кое е една од темелните вредности на Уставот. Државните институции имаат обврска да го обезбедат исполнувањето на правото на секој граѓанин на државата на неговиот мајчин јазик да биде известуван, вклучително и за обврските кои си ги наметнал заради своето поведение. Ова важи и за системот „Сејф Сити“. Вреди беше јасен и останува непоколеблив на ставот дека кога државата го известува, предупредува или санкционира граѓанинот преку овој систем, таа има обврска тоа да го прави и на албански јазик. Ова не е прашање на политичка волја, туку уставна обврска и почитување на едно темелно право. Токму затоа, Вреди ќе го брани овој принцип со сите правни и институционални средства, сè до негово целосно спроведување и без никаква дилема.
Фактот што денеска сè уште се отвораат дилеми за прашања кои одамна требало да бидат затворени, е директна последица на неодговорноста и манипулациите на оние кои со децении владееја и лажно се фалеа дека ги затвориле сите крупни прашања за Албанците, додека во меѓувреме се богатеа на грбот на народот. За жал, тие ни оставија систем целосно еродиран на сите нивоа, кој сега мора трпеливо да го поправаме, наведуваат од Вреди.


