Д-р Дарко Костадиновски - претседател на Уставен суд / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Претседателот на Уставен Костадиновски го испофали „Безбеден град“ пред Судот да одлучува по четири претставки со кои проектот се оспорува

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, денеска информираше дека за системот со камери „Безбеден град“, во Судот се формирани четири предмети. Тој, наспроти неговата позиција како претседател на висок судски орган кој треба допрва да одлучува по претставки со кои се оспорува системот, не штедеше пофалби за проектот.

Коментирајќи го системот, кој е пуштен во употреба само 17 дена, Костадиновски наведе оти тој „покажал дека нашиот менталитет може многу бргу да се менува, односно да се приспособува на правила“.

– Четири предмети се формирани. Точно е дека ќе се постапува бидејќи е новина во нашата држава. Бргу ќе се постапува по овие предмети. Не можам предвреме да давам своја анализа. Веќе еднаш го имам кажано мојот личен став. Дали овој проект има легитимна цел? Да. Дали општествено е оправдан? Да. Дали мерките што ги предвидува се пропорционални на целта што сака да се постигне? Мојот став е – да. Дури и го искористив како пример на прашање од ваш колега на една меѓународна конференција зашто сум толку упорен во развивањето на уставната култура и дали сум оптимист. Да, оптимист сум. Токму овој проект „Безбеден град“ на сите нас ни покажа дека нашиот менталитет може многу бргу да се смени, односно да се приспособува. А, на што се приспособува? На правила. Не сме безнадежен случај. Не сме. Во нашата држава има вистинска и реална подготвеност од сите актери за почитување на владеењето на правото. Да, имаме добра перспектива и добра иднина. И оптимист сум – рече Костадиновски.

Тој го коментираше и предлогот професорот Гоце Наумовски, кој бил советник на премиерот Мицкоски, да стане уставен судија. Костадиновски рече дека и тој самиот бил советник на тројца претседатели.

– Во уставното судство има неколку типа на судии, кои имаа поинаков пристап во толкувањето на самиот Устав, има кои ги викаме рестриктивисти кои директно се држат до словото на текстот на Уставот, текстуалисти – механички го толкуваат Уставот, но има и судии што го толкуваат во неговата најширока можна смисла и јас сум дел од тие судии. Кога доаѓаат луѓе од академијата како што е од факултетот, тоа за мене е добра вест за уставното судство. Во однос на тоа што бил советник на премиерот, јас бев советник на тројца македонски претседатели. Извршувањето на должноста е дел од карактерот и кредибилитетот на човекот. Дали бил советник на премиер или јас на тројца претседатели, нема никакво значење. Нашата работа се цени токму во ова сала. Јас повеќе пати имам кажано и сите мои шест досегашни книги се посветени на лојалноста кон Уставот. Лојален сум на Уставот и никому друг. И тоа го очекувам и од новиот колега доколку биде избран, и од другиот што треба да биде, и од досегашните судии – рече тој.

Околу Законот за употребата на јазиците, Костадиновски рече „уште е во сила заклучокот дека треба да има подготвителна седница за овој Закон“.

-Очекувам многу брзо да се комплетира Уставниот суд и веднаш на првиот работен состанок ќе се отвори прашањето природно. Ние имаме заклучок дека подготвителна седница треба да се одржи. Тој не е сменет. И никој од судиите не побарал да се смени. Кај нас одлука носат пет гласа. Можеби некој судија ќе рече дека нема потреба за подготвителна, па тој предлог ќе оди на гласање. Сега во моментов, се уште е во сила заклучокот дека треба да се одржи подготвителна седница и треба да се одржи, ако јас се прашувам, бидејќи беше мој предлог. Зашто е добро? За таа подготвителна веќе имаме донесено став, ќе се снима во живо, секој еден граѓанин ќе може на својот телефон да види за што ние расправаме во суштина- рече претседателот на Уставниот суд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот