Советник на премиерот предложен за нов уставен судија
Професорот на Правниот факултет Гоце Наумовски, кој беше дел од списокот на советници на премиерот Христијан Мицкоски е предложен за нов уставен судија на местото на судијката Јадранка Дабовиќ Анастасовска.
Препорачано
Претседателот на Комисијата за избори и именувања, Ѓорѓија Сајкоски кој е пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница го предложи Наумовски за нов судија и без дискусија и забелешки од ниту една од партиите, беше изгласан со мнозинство гласови.

Професорот Наумовски се најде на списокот на советници на Владата кој беше објавен во јануари минатата година, а како што пишуваше, тој го советувал премиерот за прашања од областа на правото.
Тој е редовен професор на катедрата Римско право и предава неколку предмети, Римско право, Право и информатичка технологија, Право на трговски марки и географски називи; Патентно право, Спортско право, Реторика, Интелектуална сопственост, Правна реторика и аргументација.
Дабовиќ-Анастасовска во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд. Оставката, како што информираат од Уставниот суд, е поднесена поради здравствени и лични причини.
Во Судскиот совет па сега во тек е оглас за уставен судија од редот на судиите, кој треба да дојде на местото на Елизабета Дуковска.


