Драматичен пад во „Фолксваген“, кризата ги урива и добавувачите во Австрија
Германската автомобилска индустрија влегува во длабока криза, а „Фолксваген“ се соочува со пад на профитот, големи загуби и дополнителни кратења на работни места. До 2035 година би можеле да исчезнат дури 225.000 работни места, додека последиците веќе силно ги погодуваат и австриските добавувачи зависни од германскиот пазар.
Германската автомобилска индустрија се соочува со една од најтешките кризи во последните децении, а најновите финансиски резултати на „Фолксваген“ и „Порше СЕ“ дополнително ја потврдуваат длабочината на проблемите. Слабата побарувачка, високите производствени трошоци, конкуренцијата од Кина и бавната транзиција кон електрични возила создаваат силен притисок врз најголемите европски производители. Првиот човек на „Порше СЕ“, Ханс Дитер Печ, јавно побара темелна промена на бизнис-моделот на „Фолксваген“, оценувајки дека компанијата мора брзо да се прилагоди на новите услови на глобалниот пазар. Истовремено, германската автомобилска индустрија предупредува дека до 2035 година би можеле да исчезнат дури 225.000 работни места, што е значително повеќе од претходните проценки. Последиците од кризата веќе се чувствуваат и во Австрија, каде голем број добавувачи зависат директно од германските автомобилски гиганти.
Препорачано
Се продлабочува кризата во „Фолксваген“
„Порше СЕ“, холдингот на семејството Порше Пих, кој е најголем акционер во „Фолксваген“ со 31,9 проценти од акциите и 53,3 проценти од гласовите, објави значително послаби финансиски резултати за првиот квартал од годинава. Во периодот од јануари до март компанијата остварила коригиран нето профит од 382 милиони евра, што претставува пад од 21 процент во споредба со истиот период лани. Дополнително, холдингот регистрирал нето загуба од 923 милиони евра, предизвикана главно од отпишување на вредноста на инвестицијата во „Фолксваген“ во износ од 1,3 милијарди евра.
Ханс Дитер Печ предупреди дека сегашниот модел на работа на „Фолксваген“ повеќе не одговара на новите пазарни реалности. Според него, германскиот концерн мора да спроведе длабоки реформи за да ја врати конкурентноста. Ова доаѓа во период кога компанијата веќе спроведува голем процес на реструктурирање и намалување на трошоците.
Извршниот директор на „Фолксваген“, Оливер Блуме, најави дека мерките за штедење ќе бидат дополнително заострени, покрај веќе планираното кратење на 50.000 работни места во концернот. Во фокусот се фабриките во Германија кои работат со намален капацитет. Иако во 2024 година беше постигнат договор со синдикатите со кој се исклучува затворање на фабрики во текот на оваа деценија, сè погласни се стравувањата дека дел од производствените капацитети би можеле да бидат укинати.
Размерите на кризата најдобро се гледаат преку споредбата со периодот пред само неколку години. Во првиот квартал од 2022 година, само „Фолксваген“ оствари профит од 8,3 милијарди евра, повеќе отколку што денес заработуваат сите германски производители заедно.
Илјадници работни места под закана
Германското здружение на автомобилска индустрија предупредува дека кризата ќе предизвика уште поголем бран отпуштања. Претседателката на здружението, Хилдегард Милер, изјави дека според новите пресметки до 2035 година би можеле да исчезнат 225.000 работни места во секторот. Тоа е за околу 35.000 повеќе од претходните прогнози, кои предвидуваа губење на 190.000 работни места во периодот од 2019 до 2035 година. Според Милер, само до 2025 година веќе биле изгубени околу 100.000 работни места.
Најпогодени се добавувачите, особено компаниите поврзани со производство на делови за мотори со внатрешно согорување. Преминот кон електрични возила бара помал број компоненти и помалку работна сила, што директно влијае врз вработеноста. Компании како „Бош“, „Континентал“ и „ЗФ“ веќе најавија програми за штедење и намалување на трошоците.
Последиците силно се чувствуваат и во Австрија. Компанијата „Немак“ планира затворање на фабриката во Херцогенбург до крајот на првиот квартал во 2027 година, а таму моментално работат околу 330 луѓе. ЗКВ од Визелбург најави укинување на 600 работни места до крајот на 2027 година. Австрискиот огранок на „Бош“ исто така бележи пад на приходите од околу десет проценти, при што прометот се намалил на 1,12 милијарди евра. Во првиот квартал меѓу најголемите стечаи се најдоа и производителот на кожни навлаки „Волсдорф Ледер“ со повеќе од 360 вработени, како и компанијата „Ајтек“ со околу 320 работници. Заеднички проблеми за сите се високите трошоци, намалената побарувачка и слабата искористеност на капацитетите.


