Фото: Strelciuc Dumitru / Alamy / Profimedia

Дополнителни 11 минути сон секоја ноќ можат да го намалат ризикот од срцев удар

Истражувачите детално ги опишуваат „изненадувачки големите“ придобивки за кардиоваскуларниот систем од малите промени во однесувањето.

Спиењето 11 минути повеќе секоја вечер, 4,5 дополнителни минути брзо одење и јадењето приближно 50 грама повеќе зеленчук секој ден може значително да го намали ризикот од срцев удар, покажа една студија, пишува „Гардијан“.

Научниците откриле дека овие мали промени можат да им помогнат на луѓето да избегнат сериозни кардиоваскуларни настани, вклучувајќи срцеви и мозочни удари, за околу 10 отсто. Малите промени во однесувањето биле „поизводливи и одржливи“.

Авторите на студијата се експерти од Австралија, Чиле и Бразил, кои испитале податоци за повеќе од 53.000 луѓе на средна возраст од Биобанката на Велика Британија.

Истражувачите ги проучувале навиките за спиење и нивоата на вежбање користејќи податоци од нослива технологија како што се паметните часовници. Луѓето, исто така, самостојно ги пријавиле своите навики во исхраната.

Откриено е дека 2.034 сериозни кардиоваскуларни настани се случиле во текот на осумгодишниот период на следење. Истражувачите беа во можност да го идентификуваат „оптималниот“ начин луѓето да ги избегнат овие инциденти, вклучувајќи добра исхрана, осум до девет часа сон секоја ноќ и минимум 42 минути умерена до енергична физичка активност секој ден. Комбинирањето на овие мерки води до 57 отсто помал ризик од срцеви и мозочни удари.

Тие, исто така, пронајдоа „клинички релевантна“ комбинација на однесувања што би можеле да го намалат ризикот, вклучувајќи повеќе сон, подобра исхрана и поумерена до енергична активност. Умерената активност може да вклучува брзо одење, танцување, туркање косачка, аеробик во вода и возење велосипед. Енергичната активност вклучува трчање, пливање, скокање и аеробик.

– Покажуваме дека комбинирањето мали промени во неколку области од нашите животи може да има изненадувачки големо позитивно влијание врз нашето кардиоваскуларно здравје. Ова е многу охрабрувачка вест бидејќи неколку мали, комбинирани промени се веројатно поостварливи и одржливи за повеќето луѓе во споредба со обидот да се направат големи промени во едно однесување.“ – рекле истражувачите од Универзитетот во Сиднеј.

Дури и најскромните промени во вашата дневна рутина веројатно ќе донесат придобики на кардиоваскуларнииот систем и ќе создадат шанси за понатамошни промени на долг рок. Луѓето не треба да ја занемаруваат важноста на една или две мали промени во нивната дневна рутина, без разлика колку мали изгледаат.

Врз основа на овие наоди, научниците планираат да развијат нови дигитални инструменти кои ќе ги поддржат луѓето во правење позитивни животни промени и воспоставување трајни здрави навики. Ова ќе вклучува тесна соработка со членовите на заедницата за да се осигура дека алатките се лесни за употреба и можат да ги решат проблемите со кои се соочуваме при модифицирање на нашите дневни рутини.

Многумина од нас сакаат да живеат поздрав живот, но промените понекогаш може да изгледаат огромни или тешки за вклопување во нашите распореди. Охрабрувачки е што оваа студија покажува дека овие промени не мора да бидат големи за да бидат значајни.

Малите промени, како малку повеќе сон, неколку дополнителни минути активност во текот на денот или јадење малку повеќе зеленчук, можат да имаат значително позитивно влијание врз здравјето на вашето срце.

Познато е дека редовното движење, квалитетниот сон и балансираната исхрана се важни за нашата општа благосостојба. Ова истражување покажува дека подобрувањето на овие навики во комбинација, дури и на скромни начини, може да биде поизводливо и да донесе вистински придобивки. Клучот е да се стремите кон генерално здрав начин на живот до кој можете да се придржувате секој ден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот