Доктор Елена Арсова, трихолог: Како да ја самопрегледате косата за да препознаете губиток

Доктор трихолог Елена Арсова/Фото: Приватна архива/ Профимедиа

Иако изгледа дека е лесно да препознаете губиток на косата, во практика се чини дека не е така. Може со години да забележувате дека вашата коса не изгледа како порано, дека волуменот на косата е намален или дека провидноста на темето е поизразена, но да не сте сигурни дали промената е реална или привидна.

Доктор Елена Арсова, трихолог од „Хеар клиник Белград“ (Hair Clinic Beograd), ни потврди дека голем број пациенти доаѓаат на преглед со задоцнување од неколку години од почетокот на опаѓањето на косата. Нивното објаснување е дека не препознале дека косата навистина е проретчена. Колку подолго време трае опаѓањето на косата, толку повеќе коренот на влакното е оштетен и толку помали се можностите за комплетно обновување на косата.

Затоа е многу значајно губитокот на косата да се препознае навреме, за да може да се спречи натамошното влошување и да се врати изгубената коса. Двете најчести форми на губење на косата се наследниот губиток и дифузното опаѓање на косата.

Најтешко е препознавањето на наследниот губиток на косата. Карактеристична промена кај генетското опаѓање е истенчување на косата. Тоа значи дека кај овој тип губење на косата, нема да забележите зголемено опаѓање на косата, туку намалување на густината на косата, слабеење на влакното и провидност на темето и повлекување на предната линија на косата. Жените и мажите имаат различни обрасци на наследно губење на косата, па и самопрегледот е различен.

Жените треба да ги самопрегледаат овие три знаци:

– Средишниот патец на косата. Ако се провидува средишната линија и се шири од средина кон периферија на круната на главата во форма на елка, тогаш постои проретчување.
– Дебелината на опавчето кога ќе се врзе косата е значително намалено.
– Волуменот на косата на круната на главата е намален, а одзади во делот на тилот е нормален.

Мажите треба да ги бараат овие знаци на генетски губиток на косата:

– Залистоците се продлабочуваат и се повлекуваат наназад. Целата предна линија на косата може исто така да се повлекува.
– Предниот дел на косата се истенчува и влакната се слаби со различна должина.
– Темето задолжително да се прегледа затоа што често се занемарува поради недостапноста да се види. Искористете огледало за да ја прегледате косата назад.

Дифузното опаѓање на косата се препознава полесно затоа што се манифестира со активно опаѓање на косата и зголемен број влакна во тек на чешлање, миење на косата, па дури и на перница по спиење или во текот на денот по гардеробата (облеката).

Жените треба да ги самопрегледаат следните знаци:

– Бројот на влакна во текот на чешлање и миење е зголемен двапати или трипати повеќе од вообичаено.
– Целокупниот волумен на косата е намален и косата е проретчена на целата глава.
– Проретчувањето е најмногу видливо во залистоците и страничните делови на главата.

Мажите потешко може да препознаат зголемено опаѓање на косата затоа што косата ја носат кратко, па и влакната се кратки и потешко видливи. Но, може да ги бараат следните знаци:

– Намален волумен на целата коса кога ќе пројдат со прсти низ косата.
– Влакненца на гардероба, на биро на кое работат, на прсти кога ќе ја допираат косата.
– Проретчување во слепоочниот предел.

Препознавањето на овие знаци е пресудно за навремено барање помош од доктор, специјалист за коса, и навремен третман за комплетно враќање на изгубената коса. Затоа барем двапати годишно самопрегледајте ја својата коса. Искористете и стари фотографии за да споредите каква била косата пред неколку години и сега. Ако препознаете некој знак, веднаш обратете се кај стручно лице.

Совети од д-р Елена Арсова, трихолог: Дали треба да го намалиме миењето на косата во зима

Шест совети од доктор Елена Арсова: Што да преземете во домашни услови ако ви опаѓа косата

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот