Шест совети од доктор Елена Арсова: Што да преземете во домашни услови ако ви опаѓа косата

Доктор трихолог Елена Арсова/Фото: Приватна архива/ Профимедиа

Косата опаѓа природно до одреден степен и сосема е нормално да изгубите малку коса, но кога тoa ќе порасне во сериозна количина влакна од вашата глава, време е сериозно да се позанимавате со оваа појава. Губењето на косата е сосема нормален процес и во многу случаи не е причина за загриженост.

Можеме да губиме по 50-100 влакна на ден и воопшто да не забележиме, бидејќи тие сукцесивно се обновуваат со нови влакна.

Без разлика дали тоа настанало поради хормонално нарушување, генетика или промена на годишните времиња, опаѓањето на косата предизвикува стрес и непријатност.

Доколку се соочувате со опаѓање на косата што го забележувате подолго време, меѓу другото, се препорачува да се обратите кај лекар трихолог.

Доктор трихолог Елена Арсова ни донесува корисни совети токму за оваа состојба, која погодува сѐ повеќе луѓе, без разлика на полот и возраста.

1. Не купувајте шампон против опаѓање на косата

Иако изгледа како прв логичен чекор кога ќе забележите зголемено опаѓање на косата, шампонот против опаѓање на косата нема да ви помогне. Причината е што концентрацијата на активни состојки во лосионот е мала и не може да делува ефикасно на коренот на влакното. Исто така, шампоните се производи направени за чистење на кожата на главата, па нивната формула не дозволува да делуваат длабински. Купете квалитетен шампон што одговара на вашиот тип на скалп, поточно шампон за масен скалп доколку имате масен скалп или шампон за нормална коса доколку е нормален типот на скалп.

2. Нормално мијте ја и чешлајте ја косата

Нежно миење на косата или нечешлање нема да спречат косата да опаѓа. Влакното што опаѓа во тек на миење или чешлање, веќе и мртво и ќе испадне, независно како вие ја третирате косата. Туку дополнително, со нередовно миење на косата, ќе создадете услови за воспаление на кожата на главата што ќе го зголеми постојното опаѓање. Затоа, мијте ја косата како вообичаено, независно што опаѓа. Чешлајте ја редовно за да можете да го следите опаѓањето и да видите дали се намалува.

3. Не пијте мултивитамини за коса

Од многуте фактори поради кои косата може да опаѓа, верувале или не, недостиг на витамини е исклучително ретко. Доколку имате нормална и здрава исхрана, на дневно ниво ги примате сите витамини што ви се потребни. Затоа и ако пиете 3 месеци витамини за коса, нема да почувствувате дека опаѓањето ќе се намали. Во денешно време единствено витамин Д е често низок, поради нашата слаба изложеност на сонце. Суплементација на витамин Д е неопходна, но само доколку лабораториските анализи покажат дека постои недостиг.

4. Направете крвна слика и испитајте неколку битни параметри

Лабораториска анализа на крвта, со испитување хемоглобин, железо, феритин, шеќер, витамин Д, е доволна да ви покаже дали постои некој недостаток или отстапување. Недостиг на железо или феритин е честа причина за опаѓање на косата, па е неопходно да се третира. Со корекција на нивоата на железо, опаѓањето на косата ќе се смири, а косата ќе се обнови за неколку месеци. Вредностите на шеќерот се многу значајни во денешно време, поради сѐ почестата појава на инсулинска резистенција кај млади личности. Вашиот матичен лекар нека ги прегледа вашите резултати.

5. Применете лосион или масла против опаѓање и за раст на косата

Можете секојдневно или неколкупати неделно со масирање да нанесете лосион против опаѓање на косата. Ако опаѓањето не е хронично, кој било бренд на лосион или ампули може да ви помогне. Но, терапијата мора да ја применувате најмалку 3 месеци. На две недели можете да аплицирате во темето некое масло за раст на косата, како, на пример, масло од нане, рузмарин, рицинусово итн. Нанесувајте мала количина од маслото за да можете лесно да ја измиете косата и за да не ги затнете порите на фоликулот.

6. Не паничете. Но, следете ја состојбата на косата

Доколку опаѓањето трае 4-6 недели, тоа е преодно опаѓање и спонтано ќе престане. Доколку трае подолго време, применете ги горенаведените мерки. Ако забележите раст на нова коса, бидете стрпливи, затоа што е потребно време за да израсне новата коса. Но, ако за 3 месеци не забележите подобрување, тогаш обратете се на доктор-трихолог или на дерматолог за опсежен план на терапија. Мора да бидете свесни дека кај напредни форми на опаѓање на косата, едноставни мерки нема да можат да ви го решат проблемот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот