Совети од д-р Елена Арсова, трихолог: Дали треба да го намалиме миењето на косата во зима

Фото: Приватна архива/Профимедиа

И покрај генералното верување дека нашата коса и кожа на главата најмногу се оштетуваат во тек на лето, заради високите температури и УВ-зрачењето, вистината е поинаква. Всушност, зимата е најтешка сезона за нашата коса и за кожата на главата. Во тек на зима значајно се менува квалитетот на косата поради зголемена кршливост на влакното, а кожата на главата повеќе има првут заради нарушениот хидролипиден баланс.

Што точно се случува со нашата коса и кожа во зима, ќе ни објасни д-р Елена Арсова, трихолог од „Хеар клиник Белград“.

Како зимата влијае врз косата?

Во зима надворешните температури се ниски, а атмосферата има поголема влажност. Нашето влакно лесно ја впива атмосферската влага и поради тоа набабрува. Водените честици во влакното на ниски температури, смрзнуваат и буквално формираат кристали во самото стебло на влакното, кои го оштетуваат. Водата во влакното, исто така, ги менува врските меѓу аминокиселините во влакното, па се менува и неговата структура, што ние го забележуваме како извиткување на косата. Колку што е косата посува, дотолку е поголема апсорпцијата на атмосферска вода и е поинтензивно оштетувањето на влакното.

Дополнително, кога од надворешното ладно и влажно време ќе влеземе во нашите топли и удобни простории, се случува друг шок за влакното. Нашите домови се загреани и воздухот е топол и премногу сув. Во такви услови, влакното ја губи влажноста и се суши, што повторно ја зголемува кршливоста.
Ваквите промени во температурата и влажноста на воздухот делуваат и на кожата на главата. Кожата поседува заштитен хидролипиден слој, кој е составен од маснотии и вода. Во текот на зимата, нашите лојни жлезди лачат помалку маснотии, па кожата е помалку масна. Дополнително, студениот воздух надвор, а прегреаниот внатре ја одземаат водата од заштитниот слој. Поради губењето и на липидната и на хидратантната компонента на хидролипидниот слој, доаѓа до сушење на кожата на главата и создавање сув првут.

Промените на влакното се поизразени кај жените, а на кожата на главата кај мажите.

Кои се препораките за нега на косата и кожата во зимскиот период?

Неопходна е соодветна хидратација на влакното. Ако косата е доволно хидрирана, нема да впие толку атмосферска влага и структурните промени нема да бидат толку изразени. Потребна е длабинска хидратација на влакното за да обезбедиме структурна стабилност. Маски за длабинска хидратација што содржат кератин, есенцијални масла од кокос, јојоба, орхидеја итн., се одлична опција. Откако ќе се нанесат на влакното, мора да стојат барем 5-10 минути за да дејствуваат добро.

Исто така, миењето на косата треба да се намали во зима, затоа што шампоните ги отстрануваат нечистотиите од влакното и скалпот, но, исто така, и нивниот заштитен слој, што ги прави дополнително суви. Со намалување на фреквенцијата на миење, го намалуваме сушењето на влакното и на кожата. Тоа не значи дека треба еднаш неделно миење, туку прекин со секојдневното миење на косата. Ова се однесува на мажите, затоа што голем дел од нив ја мијат косата секојдневно. Доколку мора косата да ја мијат секој ден, д-р Арсова препорачува неколку миења да бидат само со вода, без користење на шампон.

Дополнителна мерка е користење поблаг шампон, а фреквенцијата на миење дури може да остане иста. Нежните формули на шампони наменети за секојдневно миење се одлична опција.
Намалено фенирање или намалено користење топлотни апарати обезбедува намалување на можноста за преголемо исушување.

Носењето капа е, исто така, од помош затоа што капата ја штити кожата на главата од контакт со атмосферата.

Исто така, серуми и масла што го хидрираат влакното и кожата на главата се одлична опција. Може да се применуваат еднаш неделно или на две недели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот