Доколку остане во Барселона, Куман има листа за отстрел
Роналд Куман се уште не знае дали ќе остане на клупата на Барселона иако има уште една година од договорот, медиумите веќе лицитираат со неговите наследници, но тој се подготвува за следната сезона на „Камп Ноу“.
Куман доколку остане на клупата на Барселона ќе бара од претседателот Жоан Лапорта да се ослободи од неколку фудбалери. Тој по одигрувањето на последниот натпревар во Ла Лига изјави дека Барселона нема доволно добар тим за поголеми нешта и дека некои фудбалери не заслуѓуваат да бидат дел од клубот.
Каталонските медиуми веќе открија неколку имиња од листата за отстрел на Куман и на неа се наоѓаат Миралем Пјаниќ, Жуниор Фирпо, Мартин Брајтвајт, Самуел Умтити, Тринкао, Рики Пуџ, Фелипе Кутињо, а доколку пристигне добра понуда би можеле да си заминат и Клемен Ленгле, Серхи Роберто и Осман Дембеле.
Сиве овие фудбалери се ангажирани пред доаѓањето на Куман на клупата и дека тој е консултиран само при трансферот на Сержињо Дест.
Според Куман, Алба, Пике и Бускетс остануваат дел од одбраната, а недопирливи се Тер Штеген, Араухо, Де Јонг, Педри, Фати, Дест, Гризман и нормално Меси.
Тренерот во следната сезона е подготвен да им даде поголема шанса на младите и талентирани фудбалери Мингеза, Ињаки Пења и Мориба, а во првиот тим би биле приклучени и Нико Гонзалез, Коладо и Конрад де ла Фуенте.
Според каталонскиот весник „Спорт“, оваа недела е клучна за иднината на Куман на клупата на Барселона. Претседателот Лапорта не сака да чека и доколку добие негативен одговор од Чави Ернандез и Ханси Флик, најверојатно ќе му даде шанса на Куман и следната сезона да ја предводи екипата.