До јуни треба се изградат три гаражи на Клинички, ќе може да се резервира паркинг-место и да се плаќа преку апликација
Во однос на цените на паркирањето, тој соопшти дека во план е да има четири видови плаќање паркинг за вработени, пациенти или посетители, додека пак паркирањето ќе биде бесплатно за онколошки пациенти.
Откако Владата на последната седница даде „зелено светло“ за изградба на три монтажни катни гаражи во комплексот клиники „Мајка Тереза“, министерот за здравство Азир Алиу денеска информираше дека услугата ќе биде модернизирана и дека резервирање и наплата на паркинг ќе се врши преку апликација или со скенирање на Кјуар кодот од упатот, додека пак паркирањето ќе биде бесплатно за пациентите на Клиниката за онкологија.
Препорачано
Катните гаражи, како што беше најавено и претходно, ќе бидат поставени кај Инфективната клиника, потоа на паркингот кај ГАК и третата ќе биде кај хелиодромот.
„Катните гаражи ќе бидат поставени на три локации, едната кај Инфективната клиника, другата во близина на Клиниката за гинекологија и третата кај хелиодромот. Најголемата гаража е предвидено да е онаа кај Инфективната клиника оти таму има најмногу простор и таму ќе има и посебен влез за во комплексот клиники. Ќе се отвори и нов влез во кампусот кај Клиниката за кардиологија и Државната кардиохирургија наменет за пациенти во животозагрозувачка состојба со цел да се овозможи побрз пристап до здравствените услуги. Ова очекувам да биде готово до јуни“, рече Алиу.
Министерот додаде дека Градот ќе ги проектира и изгради трите катни гаражи во рамки на договор што ќе биде склучен на 15 години, односно Град Скопје на располагање ќе има од 1.200 до 1.500 места.
Со две нови монтажни катни гаражи треба да „стивне“ паркинг-хаосот на Клинички
Нов систем, резервирање паркинг место и плаќање преку апликација
Новитети ќе има и во системот и начинот на влегување на Клинички, каде ќе се воведе, како што вели министерот, паметен-паркинг систем со сензори за детекција на слободни места, информативни табли, дигитален водич и камери за автоматска регистрација на возила кои ќе бидат поврзани со фискален систем, а плаќањето ќе се врши преку апликацијата или во готово.
На паркингот ќе може однапред да се резервира место преку апликација, а пациентите тоа ќе можат да го сторат и преку скенирање на Кју-ар код што ќе го има на секој упат.
„Граѓаните ќе можат однапред да резервираат паркинг-место преку апликација, вклучително и пациентите, со внесување на бројот на упат. Ако не се користи апликацијата, на влезната рампа ќе може директно да се скенира Кју-ар-код од упатот. Вработените ќе имаат посебни Кју-ар кодови и резервирани места за нив, а за оние кои доаѓаат во посета на пример кај хоспитализирани пациенти, ќе платат комерцијална цена. Онколошките пациенти и натаму ќе имаат бесплатно паркирање. Плаќањето ќе биде можно онлајн преку апликација или во готово“, изјави Алиу.
Градот ќе ја утврдува цената, предвидени се четири ценовници
Во однос на цените на паркирањето, тој соопшти дека во план е да има четири видови плаќање паркинг за вработени, пациенти или посетители, додека пак паркирањето ќе биде бесплатно за онколошки пациенти.
„Ќе има неколку видови на плаќање на паркинг местата. Онколошки пациенти и сега имаат бесплатно паркинг место, тоа ќе продолжи да биде така. Пациенти кои се лекуваат тука ќе плаќаат цена што ќе биде достапна за нив и нема да биде комерцијална. Вработените во Клиничкиот центар ќе имаат цена што е достапна за администрација. На крај, ќе имаме цена што ќе биде комерцијална, како на сите паркинг места што има комерцијални цени. Тоа ќе биде за граѓани кои се паркираат поради други причини или за да посетат некој близок, хоспитализиран во кампусот „Мајка Тереза“ во Скопје“, објаснува министерот.
Алиу додаде дека засега не се знае колкави ќе бидат цените за паркинг услугите бидејќи нив ќе ги утврдува Градот и ЈП „Градски паркинг“, а откако ќе ги утврдат, тие треба да бидат изгласаани на седница на Совет на Град Скопје.
Со две нови монтажни катни гаражи треба да „стивне“ паркинг-хаосот на Клинички
Освен модернизирање на паркиралиштата, министерот вети дека просторот околу паркинзите ќе биде уреден со нови лед светла, пешачки патеки, нови засадени дрвја, а Алиу најави и набавка на едно електрично возило кое ќе се користи исклучиво во рамки на кампусот за транспорт на пациенти од една до друга клиника.
.


