Директорката на ОУ „11 Октомври“ вели дека ја довеле во заблуда и ја повлекла согласноста ученик со несоодветно поведение да учи таму
Не е точно дека градоначалникот на Центар Горан Герасимовски правел притисок врз мене по секоја цена да го запишам ученикот кој бил проблематичен и поради кој сега во ОУ „11 Октомври“ бојкотираат бројни класови, туку родителите на детето дојдоа во училиштето за да го запишат по редовна постапка, велејќи дека така ќе им биде полесно да ги организираат активностите во денот. Дадовме согласност за редовно да го запишеме детето во училиштето, но бевме доведени во заблуда и од нас беа притаени факти – сокриено беше дека за детето од претходното училиште имало мерки за насилство. Затоа согласноста ја повлековме.
Ова за „Слободен печат“ го тврди Даница Блажеска, директорка на ОУ „11 Октомври“ во скопската општина Центар. Во ова училиште од денеска сите паралелки од прво до четврто одделение, заедно со две паралелки од шесто и седмо одделение не одат на настава. Родителите на учениците имаат ултиматум – нивните деца нема да одат на настава ако се дозволи ученик кој бил отпишан од претходно училиште поради насилно поведение, да биде запишан во редовна постапка во новото училиште заедно со нивните деца. Институциите немаат решение на проблемот. Бојкотот на наставата утре се очекува да се прошири со сите останати паралелки.
Блажеска тврди дека таа дала согласност новиот ученик да се запише во ОУ „11 Октомври“ ама била доведена во заблуда, зашто од неа и од училишната управа бил сокриен фактот дека детето во претходното училиште имало изречени мерки. Родителите дошле да го запишат во ОУ „11 Октомври“ по редовна постапка, што според Блажеска не може да се оствари бидејќи не е според Законот и затоа решила дека согласноста ќе биде повлечена.
-Како училиште ние ја издадовме согласноста, родителот ја однесе во училиштето и од неговото матично училиште почнаа да протекуваат информации до нас, до вработени, до родители дека станува збор за ученик кој има несоодветно однесување. Со цел да ги потврдиме или негираме таквите наводи кои неофицијално стигнуваа до нас, направив неколку обиди да се исконтактираат надлежните во ОУ „Лазо Ангеловски“, но безуспешно. Бидејќи во меѓувреме не добивме никаква официјална информација од училиштето, во меѓувреме родителите од нашето училиште доставија до нас допис до мене, во кој во прилог ми ги доставуваат документите кои потврдуваат дека училиштето „Лазо Ангеловски“ испратило допис до општина Аеродром со која бара посредување за преместување на ученикот во некое друго училиште. Важно е дека доколку за некој ученик е изречена мерка „преместување на ученикот“ во друго училиште, самиот процес на преместување на ученикот го врши училиштето со локалната самоуправа и со Министерството за образование при што училиштето каде што би можел да биде ученикот, треба да биде запознаено со целата постапка и сите дотогаш преземени мерки и активности кон тој ученик. Новото училиште треба да биде подготвено да го прифати детето, да биде спремно со сите ресурси. Во ситуацијата согласноста ја издадовме по редовна постапка, како за ученик кој нема никаква изречена мерка во врска со неговото однесување. Кога ги добивме тие документи од родителите од нашето училиште во официјален допис, ние во тој момент направивме допис до ОУ „Лазо Ангеловски“ дека ја отповикуваме согласноста, дека е правно неиздржана и дека сме доведени во заблуда, вели Блажеска за „Слободен печат“.
Но, родител од претходното училиште каде ученикот учел до просветниот инспекторат доставил претставка против ОУ „11 Октомври“ во која се вели дека на ученикот му се ускратува правото на образование со тоа што не е примен во новото училиште.
Блажеска додава дека постапката за преместување на ученикот во друго училиште, треба да ја води старото училиште со локалната самоуправа и МОН, а не родителот по редовна постапка.
-МОН, локалната самоуправа и старото училиште се тие што треба да дадат официјален документ во кој ќе не запознаат што имаат за тој ученик. Во случајов се губи во еден лавиринт и правото на ученикот и треба сите ние да застанеме и да го заштитиме и него, да му се дадат правата на детето но во согласност со Законот и упатството кое е потпишано и донесено од Министерството за образование од 2020 година. Упатството не сме го измислиле, туку е официјален документ кој ги предвидува постапките кога имало жртви од насилство. Дојдовме до ситуација да се повлече нашата согласност.
Ваквата сосојба доведе до револт и бојкот на наставата од страна на учениците во ОУ „11 Октомври“.
После надзорот родителите од моето училиште се изреволтирани и бојкотираат, зашто сметаат дека се прави неправда во нашето училиште зашто ученикот не може да се запише по редовна постапка. Притаени се факти од нас и во заблуда сме доведени, додава Блажеска.
Родителите на деца од прво до четврто одделение од ОУ „11 Октомври“ за „Слободен печат“ велат дека солидарно, со одлука на Советот на родители, било решено од денеска помалите деца да не одат на училиште и дека моментално таа одлука се спроведува. Доколку не се испочитуваат барањата на родителите, тогаш од утре на бојкотот ќе се приклучат и учениците од петто до осмо одделение, велат родители на деца во ова училиште за „Слободен печат“.
Целта е да се испрати порака дека се плашат дека насилството ќе се повтори и во ова училиште.
Проблемот настанал кога родителите дознале дека детето претходно било отпишано од друго скопско училиште, затоа што соблекло девојче во тоалетот. За тој случај „Слободен печат“ веќе пишуваше. Како што тогаш објавивме, (пред 10 месеци), за време на наставата девојче од второ одделение било следено од момчето внатре во тоалетот, каде што момчето ѝ ги соблекло панталоните и долната облека додека таа ги миела рацете. Сето тоа се случувало пред очите на наставничката која ја потврдила случката пред директорката, затоа што истрчала да го следи ученикот, знаејќи дека е проблематичен.
Се работи за исклучително интелигентно момче со натпросечни интелектуални способности, но кое кажувало дека е несреќно затоа што учениците од поранешното училиште го одбегнувале и го оставале сам да ги минува деновите. За него немало покани за роденденските прослави со другарчињата и бил избегнуван. Од претходното училиште тогаш за „Слободен печат“ тврдеа дека шест ученици од неговиот поранешен клас се отпишале и се префрлиле во други училишта или паралелки, зашто се жалеле дека момчето кон нив се однесува насилно.
Според зборовите на вработените во училиштето и родителите на други ученици со кои разговараше „Слободен печат“, поведението на момчето во претходното училиште вклучувало повеќе инциденти. Тој ја удрил дури и директорката на претходното училиште, ја влечел наставничката за коса, децата ги удирал и навредувал, а сè почнало уште во градинка уште пред да се запише во училиште.
Наставниот кадар се жалеше на стрес и се одлучи за последната опција – префрлување во друго училиште заради заштита на жртвите на насилството кое се повторувало.
Но, ова сега ја разгори ситуацијата во новото училиште. Ученикот едно време посетувал онлајн настава, ама сега е неизвесно дали ќе учи со физичко присуство во ОУ „11 Октомври“, бидејќи родителите протестираат против тоа, а Центарот за социјални работи препорачува промена на средината.
Од Министерството за образование и наука за „Слободен печат“ велат дека се запознаени со случајот.
МОН е запознаено со посочениот случај, во кој се вклучени и повеќе други институции од различни области. Препораката од Центарот за социјални работи е ученикот да ја промени училишната средина од која бил дел до неодамна, а новата средина е избор на родителите. Ученикот треба и мора да добие нова можност за адаптирање и продолжување со воспитно образовниот процес, што патем е и основно право на секое дете и цениме дека наместо опструирање на обидот, потребна е поддршка од сите чинители. Секако, Министерството за образование и наука е отворено за комуникација, останува на располагање и доколку е потребна поддршка од било каков аспект, истата ќе ја обезбедиме согласно законските можности.