Димовски знае кој во АНБ е одговорен за Онишченко, ама не знае дали е грешка или намера

Виктор Димовски, директор на АНБ / Фото: Архива на Слободен печат

Пропустот со давањето согласнот за да му се додели македонско државјанство на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко е направен во Секторот за комуникација со стратешките партнери во АНБ, откри во денешниот отчет во Собранието директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски. Украинско-рускиот бизнисмен со потерница во Украина и под санкции на САД, помина низ македонските разузнавачи и стигна до македонски пасош со владина одлука.

„Кога влеговме да анализираме, констатиравме дека ова ниво што требало да направи меѓународна консултација со партнерите во рамките на НАТО, направило одобрение, но потпишало дека не постои безбедносен ризик без да го направи последниот чекор, односно консултација со партнерите во рамките на НАТО“, рече Димовски по седницата на собраниската комисија што врши надзор врз работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање.

Тој објасни дека кога некој бара македонско државјанство, тоа поминува низ секторите за контраразузнавање, за спротивставување на тероризам и насилен екстремизам и за заштита на виталните економски интереси. Кога се работи за апликант од држава што не е членка на НАТО, барањето оди и во четвртиот сектор, за стратешка соработка, кој треба да направи проверки врз основа на свои евиденции и врз основа на комуникација со стратешките партнери во НАТО. Одговорноста е лоцирана во тој сектор.

„Останува уште да утврдиме дали се работи за пропуст или се работи за намера, или се работи за некаков лукративен интерес, ништо од ова не е исклучено и мој прв интерес е тоа да го откриеме, додаде Димовски.“

Тој не откри со каква одговорност ќе се соочи „лицето и евентуално другите инволвирани“, но рече дека е можно таа да заврши со „дисциплинска, со кривична или со каква било одговорност“.

Олигархот Олександр Онишченко во Шпанија посакал македонско државјанство, а контакт со Коњичката федерација му бил Лука Заложник

Претседателот Стево Пендаровски, синоќа во гостување на ТВ24 рече дека во АНБ веќе е во тек истрага.

Сите владини претставници, вклучително и министерот за внатрешни Оливер Спасовски и премиерот Димитар Ковачевски деновиве избегнуваа да ги коментираат можните меѓународни последици од ваквиот потег, но Пендаровски вчера откри дека „имало реакција од Америка“ за тоа „како е можно ова да се случи“.

Олигархот Олександр Онишченко во Шпанија посакал македонско државјанство, а контакт со Коњичката федерација му бил Лука Заложник

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот