Олигархот Олександр Онишченко во Шпанија посакал македонско државјанство, а контакт со Коњичката федерација му бил Лука Заложник

Олександр Онишченко како јавач / Фото: Фејсбук

Јавачот Лука Заложник, натурализиран Македонец со словенечко потекло тврди дека уште еден Русин и Белгиец чекаат македонски пасоши за да може заедно да настапуваат на Олимпијада.

Јавачот Лука Заложник, натурализиран Македонец со словенечко потекло е човекот кој му бил контакт на избеганиот Украинец со руски пасош Олександр Онишченко со Македонската коњичка федерација. Заложник за „Слободен печат“ тврди дека додека биле заедно со Онишченко во Шпанија, самиот милијардер му кажал дека сака македонско државјанство, зашто оценил дека така би имал најдобри шанси да освои медал на Олимпијада.

Според Заложник, уште еден Русин и уште еден натпреварувач од Белгија, чекаат да добијат македонски пасош за да може заеднички да настапуваат на Олимпијадата. Меѓутоа, Заложник вели дека е загрижен дека ваквите планови ќе наидат на пречки, поради актуелниот скандал со Онишченко и дека пасошите нема да се изготват, па и неговиот ангажман за Олимпијадата ќе пропадне и ќе мора индивидуално да се квалификува.

Тој во телефонскиот разговор со „Слободен печат“ додаде дека вчера во Дубаи, каде што е тренер за Емиратите, се видел со Онишченко, кој таму бил на одмор.

-Го видов Онишченко вчера, во Дубаи. Таму е на одмор и мене ми се јави да се видиме бидејќи јас тренирам во Емиратите. Сакаше да вложи пет до десет милиони евра во коњичкиот спорт во Македонија за коњи за Олимпијадата. Предложив уште еден Русин да добие државјанство за да биде со нас во тимот, но немаме време, до декември треба тој да добие државјанство, а со ова, сѐ ќе се одолговлече. Ми зборуваше дека сака да купи фабрики во Македонија. Ми рече дека и Албанија му нудела пасош. Ова што се пишува во Македонија му пречи, најголем проблем е што и еден човек од Белгија и еден Русин чекаат на македонски пасош за да имаме цела екипа за Олимпијада и тоа мора да биде завршено до крај на декември. Така што, ми кажа дека е можно и да се повлече и да оди за друга екипа. Помоќен човек во овој спорт од него нема, ни рече Заложник.

Запрашан како дошло до идејата и кој предложил Онишченко да стане македонски државјанин, јавачот е дециден дека тоа го побарал самиот Онишченко. Заложник смета дека парите на Онишченко се многу важни за коњичкиот спорт и дека би било катастрофа Македонија да го изгуби олигархот од аспект на јавачките спортови. Но, политичката димензија на приказната, како и фактот што во повеќе институции и спортски федерации неговиот предлог поминал мазно, и покрај тоа што е на црната листа на САД за мешање во американските избори, а има и бекграунд на обвиненија за корупција во Украина, како и медиумски приказни дека учествувал во ланец за проституција користен од синот на Муамер Гадафи, ги отвора прашањата за тои кои луѓе биле инволвирани во спортскиот трансфер на Онишченко во Македонија и за кои цели.

Дополнително, избирачкиот список откри дека олигархот е регистриран на адреса во Пржино, заедно со кошаркар и неговиот татко, кои никогаш не го виделе и не им стапнал дома. Не е јасен правниот основ на кој се базирало неговото престојувалиште на оваа адреса, односно дали имал договор за закуп. Според нашите информации, Олександр Онишченко првпат дошол во Македонија во декември 2020 година, со руски пасош. Само двапати по еден ден престојувал во државата, а третиот пат дошол само да се фотографира за патна исправа. Всушност, целата постапка за добивањето на државјанството му била водена во Македонија, додека тој бил надвор од државата. Јавачот Заложник тврди дека и други држави му нуделе на Онишченко свое државјанство само да го носи нивниот национален дрес, но дека тој се одлучил за Македонија. Откако Заложник му дал контакт на Онишченко со македонската коњичка федерација, не сакаше да открие со кој точно човек се одвивал тој контакт, односно кој бил иницијаторот за да почне постапката за државјанството. Исто така не сакаше да го открие ниту коњичкиот клуб и сопственикот кој лобирал во федерацијата за озлогласениот експолитичар.

-На натпревар во Шпанија, зборувавме со Онишченко и ми кажа дека бара најдобра варијанта за да настапува. Ми кажа дека Романија, Србија, Унгарија, сите му нуделе да настапува за нив, ама дека се одлучил поради моите спортски успеси дека најдобри шанси да успееме има токму со репрезентацијата на Македонија. И јас му дадов контакт со Македонската коњичка федерација за да му почнат постапка за државјанство. Оттогаш само двапати зборувавме за државјанството и тоа во контекст дека постапката е бавна, а јас немав никаква моќ да помогнам да се забрза. Ситуацијата ја кажувам искрено, јас не сум му него некој многу близок човек. Ама сум му фан. Тој во Украина направи тим составен од Германец, Бразилец, Унгарец и Американец и на четири олимпијади настапија заедно. Човекот е милијардер. Тоа што доби македонско државјанство за мене значи дека добив можност да одам на Олимпијада со екипа, од свој спортски агол, ни изјави Заложник.

Според него, политиката не е важна и нема никаква врска бидејќи олигархот е милионер и може да направи многу за Олимпискиот комитет.

-Во Македонија нема јавач кој би бил способен за тоа. За Македонија јавам пет години, не сум добил ни цент. Нему државјанство му нудеа и Србија, Хрватска, Унгарија, Романија, но Онишченко само поради симпатиите кон мојот спортски резултат сакаше да направи екипа со мене за да дојдеме до медал. Веруваше дека ќе направи квалификација за Олимпијада и дека ќе го земе последниот медал со Македонија. Оваа драма што се случи е лоша за самиот спорт. Човекот е билионер, може да направи сѐ за Олимпискиот комитет. Политиката нема никаква врска, вели Заложник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот