Новопечениот македонски државјанин Олександр Онишченко е пријавен на адреса во Пржино кај газда што никогаш очи не му видел

Куќата на Олександр Онишченко во Скопје
Куќата на чија адреса се води Олександр Онишченко во Скопје/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Сопственикот на куќата каде е регистриран олигархот, рече дека нема никаков проблем со тоа што Онишченко е пријавен на неговата домашна адреса и дека тој човек со македонската коњаничка федерација на земјава и донел еден куп златни медали под името Македонија.

Улицата „Пржино“ 28Б, каде е регистриран новиот македонски државјанин Олександр Онишченко како гласач во македонскиот избирачки список, е куќа во која тој никогаш не се појавил и не живеел.

„Слободен печат“ денеска затропа на вратата од куќата, каде ни отвори сопственикот, кој се претстави како Миле. Кога му кажавме дека го бараме Онишченко, ни одговори дека тој е на слобода. Запрашан дали живее на посочената адреса, одговори дека не живее тука и никогаш не живеел. Запрашан кој го пријавил со живеалиште на адресата „Пржино“ 28 Б, сопственикот ни рече дека извесен кошаркар му дал согласност на Онишченко да биде пријавен на тоа живеалиште.

-Не живее тука, само се пријавил на оваа адреса. Никогаш не сум го видел. А, кој го пријавил на оваа адреса, ќе го прашате него и тие што му дале државјанство, пасош, а не мене. Никогаш не дошол никој тука да го провери. Човекот кој му даде согласност да се пријави на оваа адреса на Онишченко е кошаркар, ни рече сопственикот на куќата, видно невознемирен што на неговата адреса е регистриран за живеалиште човек што никогаш не го видел.

Куќата на Олександр Онишченко во Скопје
„Живеалиштето“ на Олександр Онишченко во Скопје каде тој никогаш не дошол/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во разговорот што го водевме пред влезната врата, тој изрази антиамерикански ставови, нарекувајќи ја САД имбецилна држава, откако му кажавме дека Онишченко е на листата на санкционирани личности од САД, на која е ставен во јануари 2021 година за членство во руската мрежа за влијание на американските претседателски избори. Сопственикот на куќата каде е регистриран олигархот, рече дека нема никаков проблем со тоа што Онишченко е пријавен на неговата домашна адреса и дека тој човек „со македонската коњаничка федерација на земјава ѝ донел еден куп златни медали под името Македонија“.

Процедурата за проверка на Онишченко во АНБ, како и за сите други баратели на државјанство, вклучува и сектор во Агенцијата за национална безбедност кој треба да контактира со стратешките партнери и оттаму да добие позитивно или негативно мислење за барателот на државјанството.

Куќата на Олександр Онишченко во Скопје
Куќата во Пржино, адреса на Олександр Онишченко во Скопје/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

„Слободен печат“ вчера испрати прашање до Амбасадата на САД дали АНБ до нив испратила барање за проверка на Олександр Онишченко и дали нивните служби дале одговор и дали тој бил позитивен или негативен. Истото прашање го упативме и до директорот на АНБ Виктор Димовски. Одговори не добивме.

Далеку од вонсерискиот луксуз на кој е навикнат олигархот, адресата благодарение на која тој го добил своето државјанство во скопско Пржино, е постара двокатна куќа со жолта фасада и повеќе влезови и нема ништо луксузно во нејзиниот изглед. Токму влезот Б, е оној на кој што е регистриран Онишченко во избирачкиот список. Во Агенцијата за национална безбедност поминало неговото барање за државјанство, а по добиеното позитивно мислење, продолжила постапката со финално изгласување на Онишченко да му се додели македонско државјанство на седница на владата.

Онишченко живее луксузен живот, се фотографира со светски ѕвезди од областа на спортот, модата и Холивуд, како Ели Сааб, Ева Лонгорија и познати тенисери, но неговото име е засенето со обвиненија за криминал и корупција.

ФБИ има обучувано украински полициски службеници да спроведуваат украински моќници обвинети за корупција. Еден од тие службеници, дел од украинското антикорупциско биро, за „Би-би-си“ изјавува дека Онишченко, кој исто така се натпреварувал во коњички спортови за Украина на олимпијадата во Лондон, украл повеќе од 100 милиони евра во земјата. Тој бил вмешан во малверзации со украински фирми кои купувале државен гас од Украина по дампинг цени, за потоа да го продава гасот многу поскапо и без да плаќа даноци. Баш поради таа истрага против него и баш пред да биде уапсен, Онишченко, новопечениот македонски државјанин – избегал од Украина.

Олигархот е на листата на луѓе санкционирани од САД, поради тоа што, според американските власти, бил член на руска мрежа за влијание на американските претседателски избори во 2020 година. Олигархот наводно му дал преработени аудиоснимки од наводните разговори меѓу поранешниот украинскиот претседател Петро Порошенко и Џо Бајден, на Андриј Деркач, независен украински пратеник, за кој се тврди дека е поврзан со Кремљ. Потоа Деркач почна да ги објавува овие снимки, во моментот кога Бајден беше водечки кандидат за претседател на Демократската партија, а негов противкандидат беше Трамп.

Украинските медиуми пишуваат дека Онишченко секогаш се обидувал да живее опкружен со убави жени, а бил и косопственик на голема агенција за модели. Освен со организација на натпревари за убавина, олигархот е обвинуван и дека заработувал од ВИП-проституција.

Во Украина Онишченко се бара. Избегал во северниот дел на Германија, каде ветувал дека ќе инвестира во коњички спортови во општината Херцлаке. Таму потрошил неколку милиони евра во инвестиции во коњи. И во Германија си регистрирал адреса на престојување и си отворил корпорација. Но, соништата на да се вдоми во Германија му пропаднале, кога бил одбиен за виза. Не е јасно дали Онишченко има отворено фирми и во Македонија. Пред Германија, тој поминал дел од времето бегајќи во Шпанија од украинските обвиненија за перење пари и корупција. Во својата книга објавена во Германија во јануари 2018 година, Онишченко отворено говори дека самиот купувал парламентарни гласови со големи суми пари.

Ковачевски: Украинскиот политичар доби државјанство врз основа на позитивните мислења од сите релевантни институции

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот