Ден потоа: Првиот Скопје Прајд мирно ја пренесе пораката за еднаквост, но сепак помина со насилен инцидент

ЛГБТИ парада
Парада на гордоста/ Фото Архива на Слободен печат

Парада на Гордоста – Скопје Прајд 2019, за прв пат се случи вчера и кај нас. Симболично за овој историски ден е што се совпаѓа со 50-годишнината од демонстрациите во Њујорк, познати како „Бунтот од Стоунвол” кои започнаа на 28-ми јуни 1969 година, и иницираа почеток за движењата за правата на ЛГБТ-заедниците низ светот.

Достоинствено, мирно, со многу позитивна енергија, танцување и насмевки подржувачите на ЛГБТИ заедницата ја пренесуваа својата порака за еднакви права за сите, стоп на насилството и да не се суди кој кого љуби. Она што нашата екипа го забележа е големото присуство на преставници од амбасадите на САД, Холандија, Велика Британија, Италија, како и од делегацијата на Европската Унија, УНИЦЕФ, голем број активисти од регионот (Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора) многу млади и родители на припадници на ЛГБТИ заедницата, како и Радмила Шеќеринска, Мила Царовска, Павле Богоевски и други претставници од политичката сфера.

Маршот започна неколку минути пред 12 часот. На самиот почеток имаше неколку граѓани кои извикуваа погрдни зборови, но тоа само повеќе ги мотивираше присутните на маршот погласно да ја пренесуваат својата порака. Еден тон транспаренти, знамиња, свирки и насмевки беа проследени со гласна музика, а скоро сите луѓе кои присуствуваа на маршот, и млади и стари, започнаа безгиржно да танцуваат на ДЈ сетот на Ивана Драгшиќ, кој го одбележа почетокот протестниот марш.

Пораката пренесена, енергијата позитивна

Толпата луѓе безбедно пристина до Градскиот парк, но не со така обемна полициска контрола како што беше најавувано, бидејќи самата природа на протестот не беше насилна, но сепак, целиот настан беше спроведен со контрола за заштита на сите присутни. Од влезот на градскиот парк, присутните се упатија кон Школка, на претходно планираната програма. Тука, настанот го отвори Каја Мур – ЛГБТИ активистка и трансродово лице од САД со македонски корени од Струга. Каја носеше специјално стилизирана облека во мотиви од струшката народна носија. На школка беше „обелоденет“ и Кочо Андоновски, програмскиот директор на ЛГБТИ центарот во Македонија, претставен како човекот кој излезе прв од „плакарот“ во републиката (Реакција на К. Андоновски на градоначаликот на Општина Куманово, 27 јуни 2019) Кочо порача дека „никој не е слободен додека сите не сме слободни“. По него, се обрати и Билјана Гинова, ко-претседавач на ЕРА, која два дена пред Скопје Прајд изјави „Јас не можам партнерката ни за раце да ја држам, на пример, ни да ја носам со мене, додека другите слободно си шетаат. Како ЛГБТ активисти, ние сме означени во општеството. На речиси секој чекор сме нападнати и онеправдани – и во банка, но и на граница каде во пасошот ни бараат печат во графата за трансродови лица“. Следуваше и најавениот настап на Тамара Тодевска на евровизиската „Proud“, која носеше креација наменета токму за настанот, дизајнирана од македонскиот дизајнер Александар Ношпал. Настапот може да го погледнете тука. Следуваше и обраќање на извршиот директор на Субверзивниот фронт во Скопје, Антионио Михајлов, кој порача дека „мора да се посветиме и на глобалниот проблем со климатските промени, инаку сите ќе снема за помалку од 30 години“. Интервјуто со Антонио Михајлов неколку дена пред Скопје Прајд може да се прочита тука. Забавата продолжи со уште обраќања од волонтерите, регионалните активисти кои одадоа поддршка, како и звуците на ДЈ Зоки Бејбе, Ири Скреч, Принцес Донатсу, ДЈ Кесма и ДЈ Узун Баба.

Љубовта е љубов

Она што остави голем впечаток е присуството на регионалните подржувачи на ЛГБТИ заеднцата, конкретно од Грција, од кои еден грчки активист одлучи да се обрати на македонски јазик:

Свое обраќање имаше и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која изјави „Полна ми е душава, одамна не сум била на настан со толку позитивна енергија! Денеска покажавме дека сите оние кои со години беа невидливи, дискриминирани, малтретирани, можеме заеднички ги поддржиме.“

Фотографија која го одбележи настанот е една мајка која држеше напис „Горда мајка!“

View this post on Instagram

⚡️ ГОРДА МАЈКА!!! @skopjepride ❤️?????

A post shared by СП. (@slobodenpecat) on

 

Паралелно се одржи и марш за заштита на семејните вредности

За време на првата Парада на гордоста, се одржа и маршот за заштита на семејните вредности. Граѓанската платформа „Сојуз за живот“ стои како организатор, промовирајќи ги вистинските животни, брачни, семејни и верски вредности.

Со света литургија во црквата Св. Богородица, како и зурли и молитви за време на маршот, граѓаните ја пренесуваа и нивната порака.

– Во духот на заштита на вредностите на бракот и семејството како граѓани и верници сме тука да го засведочиме највредното за нас. Нашата порака пред се е до луѓето кои ги носат одлуките во државата, сегашната, но и идните власти, како и до целата македонска јавност дека најголем процент од верниците не го прифаќаат процесот што треба да доведе до редефинирање на тоа што е брак, семејство, пол и род – изјави за МИА, отец Ивица Тодоров.

Ние се спротивставуваме на таа идеологија и поучени од случувањата на запад и страшните последици кои ги гледаме таму, се залагаме тоа да не пушти корени во нашата држава и општество, дополни отец Ивица Тодоров.

Според него, граѓанско-верскиот собир не е противтежа на најавената Парада на гордоста што исто така денеска треба да се одржи во Скопје.

Инцидент сепак се случи

Сепак, шест припадници на ЛГБТИ заедницата се нашле во загрозувачка ситуација кога 5 до 6 лица ги нападнале на Кањонот Матка, а кога решиле да заминат за да избегнат проблеми, напаѓачите почнале да ги следат со автомобил „Ауди“ и успеале да им го попречат патот, при што таксито принудно запрело. Лицето А.Ј. (30) излегол од автомобилот и почнал прво со вербален, а потоа и со насилен напад кон лицето Беким Асани од Тетово, кое припаѓа на ЛГБТИ заедницата.

Нападнатиот Беким објаснува како никој од нив не носел обележја од Скопје Прајд, односно напаѓачите го препознале дека е од Тетово, при што следувал нападот кој ни тројцата полицајци од соседното кафуле не можеле да го спречат. Целото шокирачко искуство на Беким за кое напиша дека никогаш нема да го заборави прочитајте го тука.

Од Субверзивниот фронт (здружение за критички пристап кон родот и сексуалноста од Скопје) информираат дека вчера ги контактирале нападнатите и ги посетиле во полициската станица, а од МВР влат дека се работи на расчистување на случајот.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот