Децата на Роб Рајнер се огласија со изјава откако нивниот брат беше обвинет за убиство на родителите
Џејк и Роми Рајнер, децата на трагично починатите Роб и Мишел Рајнер, се обратија до јавноста со трогателна изјава откако нивниот брат Ник беше обвинет за убиството на родителите. Во изјавата тие ги нарекоа своите родители „најдобри пријатели“ и проговорија за „незамисливата болка“ низ која минуваат.
Препорачано
„Зборовите не можат ни оддалеку да ја опишат незамисливата болка што ја чувствуваме секој миг од денот“, порачаа братот и сестрата. „Страшната и разорна загуба на нашите родители, Роб и Мишел Рајнер, е нешто што никој никогаш не би требало да го доживее. Тие не беа само наши родители – тие беа наши најдобри пријатели.“
Тие додадоа дека се благодарни за огромната поддршка и сочувство што го добиле.
„Благодарни сме за изразите на сочувство, добрина и поддршка што ги примивме не само од семејството и пријателите, туку и од луѓе од сите делови на општеството“, наведоа тие. „Во овој момент бараме почит и приватност, нагаѓањата да бидат заменети со сочувство и човечност, а нашите родители да бидат запаметени по неверојатните животи што ги живееја и љубовта што ја споделуваа.“
Братот обвинет за двојно убиство
Нивниот брат, Ник Рајнер, се соочува со две обвиненија за убиство од прв степен. Според обвинението, тој во неделата, на 14 декември, во раните утрински часови, со нож ги усмртил своите родители во нивниот дом во Лос Анџелес, потврди Канцеларијата на окружниот обвинител на округот Лос Анџелес.
Извор запознаен со истрагата изјавил дека брачниот пар бил пронајден во својата спална соба. Според „Њујорк тајмс“, телото на таткото го пронашла ќерката Роми, откако нивната масерка ја известила дека не може да стапи во контакт со родителите. Роми наводно побегнала од куќата без да забележи дека и нејзината мајка била избодена, за што подоцна била информирана од болничар.
Ник бил уапсен истата недела, само неколку часа по откривањето на телата, и задржан е во притвор без можност за кауција.
Кавга неколку часа пред трагедијата
Повеќе извори потврдиле дека Роб и Ник имале „многу гласна расправија“ на забава организирана од Конан О’Брајен, само неколку часа пред убиствата.
„Ник ги излудуваше сите, се однесуваше хаотично и постојано ги прашуваше луѓето дали се познати личности“, изјавил еден од изворите. Сепак, други тврдат дека расправијата не била жестока и дека повеќе станувало збор за укор отколку за сериозен конфликт.
Познатиот режисер и неговата сопруга
Роб и Мишел Рајнер стапиле во брак во 1989 година, откако се запознале за време на снимањето на филмот „Кога Хари ја запозна Сали“ („When Harry Met Sally“), кој Роб го режирал. Покрај овој култен филм, Роб Рајнер е режисер и на филмските класици „Принцезата невеста“ („The Princess Bride“) и „Неколку добри луѓе“ („A Few Good Men“). Тој се прославил и како актер во револуционерната хумористична серија „Сите во семејството“ („All in the Family“).
Пред бракот со Мишел, Роб ја посвоил Трејси, ќерката на неговата прва сопруга, Пени Маршал.


