Дали одложувањето на алармот е штетно за нашето здравје?

Ако често посегнувате по копчето за одложување на алармот, не сте единствени. Новата студија покажа дека 57 отсто од возрасните обично остануваат во кревет до вториот, третиот или дури четвртиот аларм.

Сеприсутноста на копчето за одложување е доказ за неговата популарност. Телефони без оваа опција тешко дека ќе најдете и покрај бројните предупредувања од експертите дека одложувањето е лошо за нас, пишува „Science alert“.

Научниците кои го проучуваат спиењето тврдат дека алармите, теоретски, би можеле да ги нарушат нашите циклуси на спиење, што го отежнува будењето. Во полусон, тоа копче за одложување никогаш не изгледа попримамливо, но одложувањето на алармот за уште неколку минути само го затишува нашето тело во следниот циклус на спиење, за повторно да го прекине.

И покрај таквата негативност кон одложувањето, цврсти податоци за неговите ефекти се оскудни, а повеќето од она што го знаеме на оваа тема потекнува од студиите за однесувања поврзани со спиењето или со стресот.

„Медицинскиот естаблишмент генерално е против употребата на одложување на алармот, но кога отидовме да погледнеме кои цврсти податоци постојат, ги немаше“, вели неврологот Стивен Матингли од Универзитетот Нотр Дам во Индијана, додавајќи дека сега постојат податоци кои докажуваат колку е тоа вообичаено и дека сѐ уште има толку многу што останува непознато.

Студијата, во која учествувале 450 возрасни лица, се базирала на податоци снимени во дневните анкети за спиење и од апарати што се носат и покажала дека жените имаат 50 отсто поголема веројатност да отспијат, односно да го користат одложувањето на алармот отколку мажите.

Во меѓувреме, оние што ја користеле таа опција имале помали активности во текот на денот и имале обрасци на спиење кои покажувале повеќе знаци на нарушување на сонот.

Исто така, предвид биле земени и преференциите за спиење. Откриено е дека „ноќните птици“ почесто го користеле копчето за одложување и генерално биле поизморени, како и дека во прашање се помлади луѓе.

Исто така, покажало дека, иако одложувањето може да биде добро за една личност, можеби не е толку добро за друга. Како што покажуваат претходните истражувања, сите ние спиеме различно.

Можеби не е изненадувачки, оние кои го одложиле будењето имале поголема веројатност да ги видат позитивните страни од одложувањето, како што е подобро расположение и чувство на будност потоа. Додека оние кои не го одложиле будењето имаат тенденција да не се согласуваат дека овие предности се можни.

Главните причини за одложување на алармот биле тоа што не можат да станат од кревет на првиот аларм, затоа што им е удобно во кревет и затоа што им треба повеќе сон.

Тимот што стои зад студијата не рекол дали одложувањето на алармот е добро или лошо за нас, туку нагласил дека потребата од каков било вид повик за будење веројатно нема да биде добро за нашето целокупно здравје.

Со други зборови, повеќе сон е одговорот, а не помалку користење на копчето за одложување на алармот. Спијте редовно, доволно и колку што е можно понепречано, поневознемирено.

Што се однесува до одложувањето на алармот, истражувачите сакаат да видат подетални студии за неговите ефекти со поголеми групи луѓе за да дознаат не само за потенцијалните негативни ефекти од притискањето на копчето за одложување на алармот, туку и за некои позитивни страни.

„Ако го одложите алармот и бидете повнимателни кога ќе седнете зад воланот за да одите на работа, тоа може да биде добро и корисно“, вели Матингли и додава дека ако ја намалува зависноста од кофеин, тоа е нешто друго.

Одложувањето на алармот не е исто за сите, тоа е како стресот.

„Некој стрес е добар – затоа го имаме одговорот на борбата или бегството. Има време и место за тоа. Можеби постојат случаи кога притискањето на копчето за одложување на алармот е навистина корисно“, смета тој.

Истражувањето е објавено во стручното списание „Sleep“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот