Дали на средбата меѓу Белград и Приштина во Вашингтон ќе стане збор и за статусот на Република Српска ?

Фотографии: ЕПА

Самиот Вучиќ многупати досега изјави дека никој засега не може да даде одговор на прашањето: „Зошто Косово има право да донесе одлука за отцепување од Србија, а тоа право го нема Република Српска да се отцепи од Босанската федерација?“.

Република Српска ја поддржува државната политика на Србија околу косовското прашање, а самопрогласената косовска независност никогаш нема да биде признаена од Босна и Херцеговина. Ова го изјави членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад  Додик, за време на средбата со српскиот претседател Алесандар Вучиќ во Белград. Додик како член на босанското претседателство и претставник на Србите во Босна, оствари разговори во Белград во пресрет на посетата на српскиот претседател Вучиќ на Вашингтон, на 4 септември, на која главна тема ќе биде токму косовското прашање и иднината на односите меѓу Белград и Приштина.

Но, самиот Вучиќ, судејќи според изјавите, во Вашингтон не очекува политички, туку економски теми. Економската соработка на Белград и Приштина, барем како што изјави Вучиќ, се темите, односно технички, а не политички разговори. Сепак нема да биде изненадување доколку на маса падне и разговор за идните политички односи, смета тој.

Што се однесува до Босна и Херцеговина и нејзината иднина како федерација, во Вашингтон нема да биде тема. Евентуалното ставање на маса на Косово и Босна во исто време може да предизвика шпекулации, но и да го поистовети проблемот на Косово со српскот ентитет во Босна наречен Република Српска. Иако затскриено, многумина на Балканот сакаат да ја активираат идејата, Република Српска да тргне по истиот пат за стекнување на независност, по примерот на Косово. Оваа идеја одеше дотаму што не се исклучува отцепувањето на српскиот ентитет од босанската федерација  како компензација за отцепувањето на Косово од Србија.

Сепак самиот Вучиќ многупати досега изјави дека никој засега не може да даде одговор на прашањето: „Зошто Косово има право да донесе одлука за отцепување од Србија, а тоа право го нема Република Српска да се отцепи од Босанската федерација?“.

Оваа „енигма“ дополнително им дава иницијатива на  политичките претставници на Србите во Босна. Владата во Бања Лука смета дека има легетимно право да го постави прашањето на својот статус , како една од страните потписнички на Дејтонскиот мировен договор. Освен ова, Бања Лука е обврзана да ги информира сите држави посреднички за постигнување на Дејтонскиот мировен договор за, како што соопштија,  секојдневното кршење  на овој меѓународен договор, на штета на Србите и Хрватите во Босна, во корист на бошњачкото население. Бања Лука го обвинува специјалниот преставник на меѓународната заедница дека ја фаворизира босанската страна и дека се обидува да ги укине правата на ентитетите и да создаде унитарна Босна и Херцеговина.

– Статусот на Република Српска е предвиден во Дејтонскиот мировен договор и бараме тоа да биде испочитувано, изјави членот на претседателството на БиХ, Милорад Додик.

Тој не крие дека очекува од Србија, на престојниот состанок во Вашингтон да го постави и прашањето за идниот статус на Република Српска, чиј политчки врв во минатото, неколупати најави спроведување на референдум за отцепување од Босанската федерација.

Сепак овој најавен референдум могумина во меѓународната заедница го толкуваат како политички маневар на поранешниот претседател, а сега член на претседателството на БиХ, Додик да ја врати во игра еветнуалната независност и уште поевентуалното приклучување кон Србија. За ова, главен аргумент му е секако патот по кој самоволно Косово ја прогласи својата независност, но и негов обид, независноста на Репубика Српска од Босна и Херцеговина да ја стекне по пат на компензирање. Србија за загубената косовска територија, да ја добие Република Српска. Дополнителчен аргумент е наводното кршење на Дејтонскиот мировен договор од страна на меѓународниот претставник, како и сѐ поголемите амбиции на владеачката СДА, на Бакир Изетбеговиќ, босанската  федерација да прерасне во унитарна држава.

Но, позицијата на Белград и Вуќиќ засега не дава простор, барем не јавно, да ја турка идејата за отцепување на РС. Она што можеби е најголемото очекување на средбата на 4 септември, во Вашингтон е секако присуството на америкаскиот претседател, Доналд Трамп на разговорите меѓу Вучиќ и косовскиот премеир Абдула Хоти.

Добрите познавачи на состојбите, сметаат дека Трамп можеби и би се појавил на  средбата на Вучиќ и Хоти, но само да се фотографира и евентуално да даде неколку куртуазни и дипломатски зборови, но никако нема да земе активно учество во овие разговори.

Што се однесува до прашањето на рефенредумот и идниот статус на Република Српска, ставот засега е јасен, и Вашингтон и Брисел и Берлин се одлучни во моментов да не покренуваат прашања за промена на границите на Балканот. Овој став практично упатува на одговорот дека нема да има поддршка за спроведување на евентуален референдум во РС, што практично би значело чекор кон промена на границите на Балканот.Доколку пак, сепак дојде до организирање на меѓународна конференција за Босна и Херцеговина, Бања Лука ризикува да го загуби сегашниот статус кој го има според Дејтонскиот договор.

Дел од аналитичарите сметаат дека  не треба да се провоцира меѓународната заедница бидејќи нејзините главни играчи, САД и Русија, имаат свои проблеми. Русија е заплеткана со проблемите околу Белорусија, Украина и Грузија и оттаму, ќе продолжи да ја форсира досегашната политика на Балканот произлезена од Дејтонскиот мировен договор за Босна и Резолуцијата 12, 44  на ОН за Косово. САД се пред избори и засега политката кон Балканот останува непроменета. Особено што дејтонска Босна и федералното и ентитетското уредување беа резултат на крвава граѓаска војна, што дополнително упатува дека засега е премногу рано било што да  се менува или пак да биде монета за политичко пазарење.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот