Дадилка за секое дете, готвачи и градинари: Колкава алиментација ќе плаќа Швајнштајгер за своите синови
Иако Ана Ивановиќ (38) и Бастијан Швајнштајгер (41) со години во јавноста делуваа приземно и скромно, поранешната спортска ѕвезда и нејзиниот сопруг воделе живот исполнет со луксуз. Колкави средства се потребни за издржување на нивните три сина е познато по разводот, во судска постапка што се водела на Мајорка.
Препорачано
Судијката одлучила Бастијан Швајнштајгер да плаќа месечна алиментација од 15.000 евра за секое дете, што вкупно надминува половина милион евра годишно.
Овој износ е утврден како дел од т.н. „привремени мерки пред поднесување тужба“, што е вообичаена практика во Шпанија кога се работи за разводи со малолетни деца. Иако главната бракоразводна постапка се води во Минхен, Ана Ивановиќ со синовите Лука (8), Леон (5) и Тео (2) живее на Мајорка.
Судот ја образложил високата алиментација со големите финансиски можности на Швајнштајгер, но и со животниот стандард што децата го имале пред разделбата. Само за исхрана, семејството месечно трошело меѓу 6.000 и 7.000 евра. За секојдневното функционирање на домот била ангажирана личност која се грижи за организацијата на семејниот живот, а во пресметката се вклучени и платите на градинар, готвач и две чистачки. Дополнително, секое дете има своја лична дадилка.
Судот ги земал предвид и високите приходи на Бастијан Швајнштајгер, иако тие биле тешко прецизно утврдливи, бидејќи поранешниот светски фудбалски шампион даноците ги плаќа во Германија.
Одлуката за алиментација станала правосилна во Шпанија, бидејќи во законскиот рок од 30 дена не била поднесена жалба. Таа треба да послужи како основа за уредување на алиментацијата и правото на посета во бракоразводната постапка во Минхен, при што засега не постои спор околу финансиската сигурност на децата.
Сепак, можно е несогласувања да се појават во самиот развод. На тоа укажуваат одредени делови од шпанските судски списи, во кои се спомнува и наводна љубовна врска на Швајнштајгер. Иако ваквите детали немаат правна тежина во постапката за алиментација, адвокатите понекогаш ги користат за да извршат морален притисок врз спротивната страна.
Во вакви случаи, една страна преку адвокатски дописи може да ја изрази својата лутина, дури и кога изнесените наводи не се правно релевантни. Дали разводот ќе помине во мирна атмосфера или ќе биде конфликтен, ќе се покаже дури во судската постапка во Минхен.


