Човечка грешка го стресе крипто-пазарот – 249 Корејци накратко беа милионери
Јужнокорејската крипто-берза Bithumb во саботата потврди дека успеала да врати речиси целосно околу 620.000 биткоини кои поради интерна грешка биле погрешно распределени на кориснички сметки, настан што краткотрајно влијаел и врз цената на биткоинот на таа платформа, објави Ројтерс.
Препорачано
Инцидентот се случил во петокот околу 19 часот, кога 249 корисници вклучени во промотивна кампања наместо предвидената награда добиле во просек по 2.490 биткоини.
Вредноста на таквата исплата изнесувала околу 244 милијарди корејски вони, односно приближно 166 милиони долари по корисник.
Откако бил забележан пропустот, Bithumb во 19:40 часот ги суспендирал трансакциите и исплатите на корисничките сметки.
Според соопштението, веднаш биле вратени 618.212 биткоини, а дополнително биле повратени и 93 проценти од вкупно 1.788 биткоини што дел од корисниците успеале да ги продадат пред блокадата.
И покрај тоа, 125 биткоини сè уште не се вратени.
Од берзата појаснуваат дека до грешката дошло кога вработен по невнимание ја внел валутната единица „BTC“ наместо „корејски вон“ при внесување на износот за наградата од промотивната кампања.
Овој пропуст предизвикал краткотраен пад на цената на биткоинот на платформата, бидејќи дел од корисниците се обиделе брзо да ги продадат средствата што погрешно им биле префрлени.


