Четврти пораз по ред за Вардар во ЛШ, „црвено-црните“ овој пат потклекнаа пред Пик Сегед

Вардар го доживеа четвриот пораз по ред во ЛШ/ фото: EPA-EFE/Tibor Rosta

Ракометарите на Вардар го доживеаја и четвртиот пораз по ред во Лигата на шампионите, со што кризата во „црвено-црниот“ тим продолжува.

Вардарци вечерва загубија со 34:31 на гостувањето кај Пик Сегед и повторно теренот го напуштаат со наведнати глави како што беше случај и на натпреварите против Алборг, Монпелје и Кил.
Големиот број на технички грешки во нападот, пред се во додавањата се покажаа како клучни за новиот пораз за Вардар.

Ова беше четврта победа по ред за Пик Сегед во меѓусебните пресметки. По седум кола во Лигата на шампионите, Вардар остана на пет бода за шесто место на табелата во групата А.

Натпреварот започна со мини серии на двете екипи, по отворањето на резултатот на домашниот тим, Вардар преку Валчак и Гаџа поведе со 1:2. Но, Пик Сегед возврати со серија од 3:0 и го врати водството.
Вардар преку Ѓукиќ намали на 4:3, но Пик повторно постигна два гола и дојде до предност од три гола (6:3) во седмата минута.

Вардар идната недела ќе има нова шанса да ја прекине црната серија/ фото: EPA-EFE/Tibor Rosta

Следните четири минути се играше гол за гол се до 12. минута кога Вардар со головите на Валчак и на Дибиров намали на 8:7.

Благодарение на одбраните на Роланд Миклер и промашениот пенал на Дибиров, Пик Сегед во 16 минута за прв пат поведе со четири гола разлика (11:7) што го натера тренерот Веселин Вујовиќ да побара тајм-аут. Вујовиќ на средина од првиот дел одлучи да го замени Борко Ристовски со Мартин Томовски кој за неколку минути забележа четири одбрани и им овозможи на неговите соиграчи да дојдат до минус два (13:11) во 23 минута.

Томовски се разбрани, дојде до пет одбрани и го остави Пик Сегед шест минути без постигнат гол, а и тоа го искористија „црвено-црните“ да направат серија од 4:0 и во 25 минута по голот на Дибиров да дојдат до израмнување на 13:13. На одмор Вардар замина со минус два (17:15) и тоа поради голот на Бодо во последната секунда од првиот дел.

Ова е четврти пораз по ред за Вардар во меѓусебните пресметки со Пик Сегед/ фото: EPA-EFE/Tibor Rosta

Второто полувреме започна идентично како и првото, Пик Сегед прв постигна гол за 18:15, додека Вардар преку Кевин Њокас, Дибиров и Талески дојде до израмнување (18:18) во 33 минута.

Унгарците возвратија со два гола за неполна минута и поведоа до 20:18. Вардар повторно дојде до израмнување, но домашниот тим прави мини серија за водство од 22:20 во 40 минута. Наредните пет минути се играше гол за гол (26:24), а потоа Роналд Миклер со две одлични одбрани им овозможи на неговите ракометари во 49 минута да дојдат до четири гола предност (28:24).

Кевин Њокас и Диало постигнаа два брзи гола за 28:26 и во 50 минута го вратија Вардар во игра. Но, во 55. минута со голот на Фримел, Пик Сегед повторно прави четири гола предност (32:28).
До крајот на натгпреварот, вардарци не успеаја да на надоместат негативата и на крајот загубија со 34:31 за четврти пораз по ред во ЛШ.

Најпрецизен кај Вардар беше тимур Дибиров со седум постигнати гола, Анте Гаџа даде шест, Дарко Ѓукиќ пет, додека Кевин Њокас постигна четири гола, а на голот блескаше Мартин Томовски со 12 одбрани. Кај Пик Сегед најпрецизен беше Фримел со девет гола, додека Тонесен постигна осум.
Следната шанса за прекин на црната серија, ракометарите на Вардар ќе ја имаат идната недела кога на домашен терен играат токму против Пик Сегед.

Видео на денот