Цените на ѓубривата експлодираат – следува ли нов ценовен шок кај овошјето и зеленчукот?
Деканот на Факултетот за земјоделство и храна, Миле Маркоски, вели дека клучен фактор за зголемувањето на цените на минералните ѓубрива е глобалната енергетска криза.
Цените на вештачките ѓубрива се зголемени за над 20 отсто на светско ниво. Земјоделците ќе мора овие цени да ги вметнат во крајната цена на земјоделските производи, кои покрај нафтата се основен трошок во аграрот. Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации, ФАО, во извештајот за март веќе предупреди дека земјоделците ќе мора да се префрлат на сорти кои бараат помалку ѓубрива, да ја вградат цената во крајниот производ или пак во најцрно сценарио, да го намалат производството. Цените со вештачките ѓубрива веќе се зголемени секаде во Европа, а земјоделците велат дека тоа веќе почна да влијае на македонското земјоделство, кое е речиси целосно зависно од увоз. Аналитичарите предупредуваат дека ако сегашните движења продолжат, неизбежно ќе следи нов бран поскапувања на земјоделските производи и на храната.
Препорачано
Деканот на Факултетот за земјоделство и храна, Миле Маркоски, вели дека клучен фактор за зголемувањето на цените на минералните ѓубрива е глобалната енергетска криза. Производството на азотни ѓубрива (особено уреа, амониум нитрат и УАН раствори) е тесно поврзано со цената на природниот гас, кој претставува основна суровина и енергенс во процесот на синтеза на амонијак.
-Со наглиот раст на цената на природниот гас во Европа, особено по геополитичките нарушувања и намалената енергетска стабилност, значително се зголемија трошоците за производство на ѓубрива. Дел од европските фабрики привремено го намалија или го прекинаа производството, што доведе до намалена понуда на пазарот. Земјите од Балканот, вклучувајќи нè и нас, имаат ограничено домашно производство на минерални ѓубрива и се високо зависни од увоз. Ова ја прави цената дополнително чувствителна на девизни курсеви, регионални трговски бариери и нестабилност на снабдувачките синџири – вели Маркоски.
Тој објаснува дека зголемените цени доведуваат до намалена употреба на ѓубрива (под оптималните агрономски норми), намалување на приносите и квалитетот на културите, деградација на почвената плодност на долг рок и зголемување на цените на храната. Маркоски вели дека постојат мерки за намалување на негативниот ефект како субвенционирање на минералните ѓубрива, интервентен увоз и формирање стокови резерви и создавање на национални резерви за стабилизација на цените.
Како среднорочни мерки, вели дека е потребна промоција на рационална и прецизна употреба на ѓубрива, зголемена употреба на органски ѓубрива и компост, а како долгорочна мерка вели дека се потребни инвестиции во домашно производство на ѓубрива.
Најмногу поскапеле азотните ѓубрива
Во првите месеци од 2026 година, цените на клучните минерални ѓубрива бележат остар раст. Уреата, како едно од најкористените азотни ѓубрива, во одредени периоди поскапе за повеќе од 30% за краток временски интервал. На годишно ниво, растот на цените на различни типови ѓубрива се движи меѓу 20 и 40 проценти, зависно од пазарот и достапноста. Просечните цени во Европа и понатаму остануваат значително повисоки од историскиот просек, а прогнозите укажуваат дека во текот на 2026 година тие ќе бидат најмалку 15 до 20 проценти над нормалното ниво.
Значителен дел од глобалната трговија со ѓубрива поминува низ Ормускиот Теснец, а секое ограничување или ризик во овој регион веднаш се одразува врз цените. Земјите од Персискиот Залив имаат доминантна улога во производството на уреа и амонијак, што значи дека секое нарушување во нивното производство или извоз има глобални последици.
Во изминатиот период увозот на ѓубрива во Европа значително пораснал, дури и за над 100 проценти во одредени сегменти, што дополнително ја нагласува зависноста од надворешни пазари.
Зголемените трошоци веќе ги менуваат одлуките на земјоделците. Дел од нив ја намалуваат употребата на ѓубрива со цел да ги намалат трошоците, додека други се префрлаат на култури што бараат помалку прихрана.
Ова, сепак, носи ризик од намалени приноси, што на среден рок може да доведе до намалено производство на храна.
Експертите предупредуваат дека токму тука се создава притисокот врз цените на земјоделските производи. Историското искуство покажува дека растот на цените на ѓубривата речиси секогаш се прелева во повисоки цени на храната. Според тековните проценки, можно е во наредниот период цените на одредени земјоделски производи да пораснат меѓу 10 и 25 проценти. Најпогодени би биле житните култури, како пченицата и пченката, кои зависат од интензивна употреба на азотни ѓубрива.


