Брз воз се судри со воен камион во Франција, загина машиновозачот
Машиновозач загина откако неговиот брз патнички воз се судри со камион што превезувал воена опрема на железнички премин во Франција, објави „Би-би-си“.
Препорачано
По инцидентот, кој се случи денеска утрината меѓу Бетин и Ленс, во северозападниот регион Па де Кале, пријавени се и повеќе повредени.
Според француските медиуми, двајца се тешко повредени, а уште 11 луѓе минале со полесни повреди.
Претседателот на регионот, Ксавие Бертран, ја потврди смртта на машиновозачот на францускиот систем на брзи патнички возови ТГВ и несреќата ја опиша како „ужасна трагедија“.
„Моите мисли се со неговото семејство, со неговите најблиски и со сите вработени кои жалат поради неговата загуба“, напиша тој на „Икс“.
Францускиот министер за транспорт, Филип Табаро, изјави дека се упатува кон местото на несреќата заедно со директорот на францускиот државен железнички оператор СНЦФ.
Возот сообраќал од Данкерк кон Париз.
Регионалната железничка мрежа „ТЕР Отс де Франс“ соопшти дека сообраќајот меѓу Бетин и Ленс ќе биде нарушен до средината на претпладнето, а на одредени линии сообраќајот постепено ќе се обновува.
Извршниот директор на СНЦФ, Жан Кастекс, кој беше премиер на Франција од јули 2020 до мај 2022 година, сè уште јавно не се огласил.
Ова се случува помалку од две недели откако еден човек загина во југоисточниот регион Вар по судир меѓу регионален воз и камион.
Драма во брз воз во Германија — маж се заклучил во тоалетот и фрлал петарди кон патниците


