Бритни Спирс ќе избегне затворска казна — призна дека возела под дејство на алкохол и дрога
Поп-ѕвездата Бритни Спирс се изјасни за виновна по обвинението за возење под влијание на алкохол и дрога (DUI) во прекршочната постапка пред судот во американската сојузна држава Калифорнија. Обвинителството на округот Вентура соопшти дека пејачката била уапсена во март, откако полицијата забележала дека управува со возилото со голема брзина, на неправилен и ризичен начин, пишува „Би-би-си“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Иако се потврдува дека станува збор за недозволени супстанции, во моментот на подигнување на обвинението не беше прецизирано за кои точно супстанции станува збор.
По инцидентот, нејзиниот претставник соопшти дека пејачката доброволно заминала во центар за рехабилитација, оценувајќи го нејзиното претходно однесување како целосно неприфатливо. Тој изрази надеж дека овој потег ќе биде првиот чекор кон долгоочекуваната промена во нејзиниот живот. Според одлуката на судот, Бритни Спирс ќе избегне затворска казна благодарение на признавањето на вината за овој прекршок.

Кариерата на Спирс, која ја одбележаа планетарните хитови како „Baby One More Time“ и „Toxic“, со години беше во сенка на јавните проблеми со менталното здравје и правните спорови околу старателството. По цели 13 години, во 2021 година беше укинато старателството со кое нејзиниот татко имаше контрола врз нејзиниот живот и финансии, откако пејачката изнесе шокантни тврдења дека била принудувана да работи против својата волја и била подложена на присилни медицински прегледи.
Потсетуваме дека нејзиниот поранешен сопруг и синовите ја поддржаа одлуката таа да побара стручна помош и да се пријави на лекување.


