Брестовац го скрати списокот: Време е младите да го потврдат квалитетот

Селекторот дополнително ќе го крати списокот пред ЕП, а очекува од младите, во пред ред Кузмановски и Талески конечно да блеснат.

Селекторот на машката ракометна репрезентација на Македонија, Данило Брестовац, по триумфот на „Трофеј Карпати“ го скрати списокот на 20 ракометари кои ќе продолжат со втората фаза од подготовките пред настапот на Европско првенство.

– По мечот со Романија имав краток состанок со ракометарите, на секој поединечно им образложив зошто е, или зошто не е дел на финалниот список. На секого му објаснив што исполни од она што се очекуваше од него и што не беше исполнето. Можам да кажам дека сите ги прифатија моите одлуки без приговор – изјави Брестовац.

Селекторот исто така изрази загриженост од слабата минутажа на Филип Кузмановски и Филип Талески во Бундес-лигата, бидејќи очекува токму нивен блесок на ова ЕП.

– Да бидам искрен, ако треба да бирам ракометар надвор од овој список, добро би ми дошол среден бек, по можност низок бидејќи сите бекови кои ги имаме се високи. Знам дека имаме ракометари во Бундес-лигата, но јас лично сум загрижен поради минималната улога што Талески и Кузмановски ја имаат во своите клубови. Го видовме Кузмановски на оној меч со Грузија, на кој беше тотално дефокусиран, во првото полувреме мислам дека имаше шут 1/8. Не му е лесно, на секој ракометар му е неопходно да минува што повеќе време на терен. Сепак, факт е дека за позначаен резултат нам ни треба овие играчи да го преземат својот дел од одговорноста. Талески и Кузмановски досега беа млади, сега треба да докажат дека се квалитетни – вели селекторот.

За разлика од селекторот, капитенот на репрезентацијата, Кире Лазаров, смета дека прашање на време е кога Филип Талески и Филип Кузмановски ќе „експлодираат“ на едно големо натпреварување.

– Тоа што често се зборува за Талески и Кузмановски само им ја отежнува работата, треба да им се даде поддршка. Ние сме тим, треба сите заедно да работиме за да дадеме свој придонес и да стигнеме до посакуваниот резултат. Јас сум сигурен дека тие ќе играат се подобро како што ќе одминува времето, тие се македонските ракометни дијаманти. реба да се постави систем за тие да можат да го дадат најдоброто од себе, бидејќи секако станува збор за квалитетни ракометари. Едно треба да е јасно, германски клубови не земаат странски ракометари ако тие не се доволно квалитетни. Треба да се најде начинот да им се овозможи тие да блеснат – вели Лазаров.

Ракометарите втората фаза од подготовките, од 2 јануари ќе ја реализираат во Словенија, каде ќе одиграат два контролни натпревари, по што на 9 јануари одат во Виена каде наредниот ден ги очекува првиот натпревар на Европското првенство, против Украина.

– Влогот е голем, ова е Европско првенство, а воедно и квалификации за ОИ. Реално мислам дека треба да веруваме, да посакуваме, да поставиме високи цели и доколку ни се укаже шанса да ја зграбиме. Знам дека имаме квалитетна репрезентација, самиот факт дека имаме пет ракометари во Бундес-лигата, тука сум јас, потоа Борко Ристовски, Столе Стоилов, Дејан Манасков… Имаме ростер со кој треба да бидеме конкурентни против сите ривали со кои ќе се сретнеме на овој шампионат. Против себе имаме добро познати ривали, селекции со кои во минатото повеќе сме победувале отколку што сме губеле. Ако се гледа реално, ние сме селекција со поквалитетни ракометари од противниците, со самото тоа сме благи фаворити на трите натпревари, па дури и против домаќинот Австрија – вели Лазаров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот