Божиќното дрво на Сузана Аврамовска, за божиќна магија и почеток на зимата

Помисливте ли дека овие чудесни дела ги создала некоја самовила, пафкајќи со своето волшебно стапче и наросувајќи „син прав“? И ние го помисливме истото.

Сузана Аврамовска е вработена во Армијата на Р.С. Македонија, а готвењето ѝ преставува задоволство и анти стрес терапија во брзото и напнато темпо на живеење. Готви од мала, но последните пет-шест години повеќе е насочена кон специфични декорации на храната, посебно кон десертите.

Сузана Аврамовска

Вели дека Божиќ за неа е најубавиот празник во годината, ја асоцира на радост, на топлината на домот, на семејство, на раѓање на нова надеж, на исполнување на желбите…

– Божиќ е магија која не се гледа, но се чувствува. Божиќната магија е тивка, знаеш дека постои…и веруваш во неа, – вели Сузана.

За да ја направи куќичката од тесто, која за кратко време стана ѕвезда на социјалните мрежи, на Сузана ѝ бил потребен цел ден. Објаснува дека се прави од тесто за божиќни путер- колачи и се спојува со привремен ајсинг од белки.

божиќна куќичка

За Божиќното дрво пак, ѝ биле потребни два часа.

– Божиќното дрво е традиционален колач кој го правам во овој период од годината, баш поради тоа што навистина асоцира на зима, на топлината на огнот, на Божиќ. Потребни ми беа околу два часа за подготовка и декорација.

Сузана несебично го споделува рецептот за ова слатко уметничко дело за нашите читатели.

Божиќно дрво или „пањ“ торта

Се матат 5 јајца со 100 грама шеќер и 1 ванилин шеќер. Се додаваат 50 мл. млеко и 50 мл. масло за јадење. Кога убаво ќе биде изматено се додава 100 гр. чоколада за готвење претходно растопена на пареа. Убаво се меша и се додава 80 гр. брашно и пола печиво. Смесата се истура во плех за рерна обложен со хартија за печење. Се пече на 200 степени, 15-на минути.

Откако ќе се испече, се витка во ролат со крпа и се остава да се излади.

Во меѓувреме, се мати 400 гр. слатка павлака со 400 гр. марскапоне сирење. Се дели на два дела, во едниот дел се додава 200 гр. растопена црна чоколада, а во другиот дел – 200 гр. растопена бела чоколада. Со белиот крем се мачка пандишпанот и се завиткува повторно во ролат. Се сечат две помали парчиња за чворови и се филува со темниот крем. Се украсува како пресечено дрво.

РЕЦЕПТ ЗА ПРАЗНИЧЕН КУГЛОФ со вкус на Божиќ на Лидија Јошевска прочитајте – ТУКА. 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот