Божиќна магија на трпезата со Лидија Јошевска: Празничен куглоф со вкус на Божиќ, волшепство што се јаде

Помисливте ли дека овие чудесни дела ги создала некоја самовила, пафкајќи со своето волшебно стапче и наросувајќи „син прав“? И ние го помисливме истото.

Лидија Јошевска е родум битолчанка, но живее во Малме, Шведска. Толку е вешта во гастрономските остварувања што има и свој блог и Фејсбук страница насловени „Слатки тајни“ каде што ги претставува своите уметнички дела што се јадат.

Работи во финансискиот сектор, интерес за кулинарство имала уште од мала, а гастрономијата денес ѝ е хоби. За неа Божиќ е волшебен и важен празник, полн со традиции, разни креативности, радост, мир и време кое се поминува со семејството, роднините и пријателите.

– Божиќни куќички правам секој Божиќ, со години наназад, и веќе сум навикната на нивната изработка. Сепак, секојпат додека ја правам куќичката си мислам – следната година ќе направам помала, – низ смеа ни вели Лидија.

Вели дека помала куќичка може да се направи за еден ден, но таа прави поголеми куќички со многу детали, а тоа си одзема време. Имено, најмалку четири дена ѝ биле потребни за да го изгради овој неверојатен „агол“ од Париз. Ја прашуваме зошто баш Париз?

– Требаше да одиме на одмор во Париз за роденденот на ќерка ми, но поради коронакризата патувањето се откажа, па така добив инспирација да направам божиќна куќичка на тема Париз, вели оваа гастрономска мајсторска.

Сè што го гледате на овие куќички – сè е домашно направено. Тестото е направено од тесто за божиќни колачи со вкус и мирис на ѓумбир, каранфил, цимет, кардемон, а потоа цела куќа е лепена со стопен шеќер и украсена со глазура. Деталите во малата куќичка се направени од фондан од ќерка ѝ.

– Ќерка ми е исто креативна, како мене. Значи, сè се јаде на куќичките, додава Лидија.

Лидија пред овие божиќни празници одлучи да ни ја открие тајната за изработка на совршен Божиќен куглоф.

Празничен куглоф со вкус на Божиќ

Состојки: 200 гр.брашно, 2 лажички печиво, 2 лажички цимет, 1,5 лажичка мелен ѓумбир, 1,5 лажичка каранфил, 125 гр.путер. 180 гр.шеќер, 50 гр.кафеав шеќер, 2 јајца, 100 мл.слатка павлака нематена, 100 гр.замрзнати брусници или рибизли (може и без нив).

Глазура: 60 гр. шеќер во прав, 1 неполна лажица ладна вода.

Подготовка:

Калап за куглоф се премачкува убаво со путер и се наросува со презла. Путерот се растопува и се остава да се излади. Во сад се матат јајцата, шеќерот и кафениот шеќер со миксер околу 10 минути. Важно е смесата да се мати подолго време. Во друг сад се матат просеаното брашно, печивото и зачините. Постепено се додава од сувите состојки, путерот и слатката павлака во смесата со јајца и полека се меша со силиконска лажица. На крај се додаваат и замрзнатите брусници или рибизли и се меша полека.

Смесата се истура во калапот и се пече во загреана рерна на 175 степени 40 до 45 минути.

Куглофот се остава да се излади убаво во калапот, потоа се вади и се украсува со глазура и брусници и рибизли.

Во продолжение погледнете го „одблизу“ мајсторлукот на Лидија:

Среќни празници!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот