Борисов им честиташе на победниците на изборите во Бугарија, без да ја спомене партијата на Радев
Лидерот на ГЕРБ-СДС, Бојко Борисов, вечерва им честиташе на победниците на парламентарните избори, без директно да ја именува Прогресивна Бугарија, која се поврзува со Румен Радев, пренесе „Вести.бг“.
Препорачано
Во објава на социјалните мрежи, Борисов им се заблагодари на гласачите што ја поддржале неговата коалиција.
– Ви благодарам за секој глас за ГЕРБ. Им честитам на првите. Едно е да се добијат изборите, а сосема друго е да се владее. Изборите го одредуваат победникот, но преговорите ќе одлучат кој ќе формира влада – напиша Борисов.
Тој истакна дека ГЕРБ-СДС е подготвена и за учество во власта и за опозициска улога, нагласувајќи дека во политиката е потребно трпение.
Претходно, неколку социолошки агенции ги објавија првичните излезни анкети, според кои Прогресивна Бугарија е во водство со околу 24 проценти од гласовите, пред ГЕРБ-СДС.
Радев изјави дека ќе направи сè што е во негова и во моќ на неговата партија за да се избере влада и да се избегнат нови избори во земјата. И покрај убедливата предност, Радев најверојатно ќе мора да бара коалициски партнери за да формира влада, што повторно ја отвора неизвесноста во политичкиот систем на земјата.


