Болната исповед на внуката на Џон Кенеди е предупредување за целиот свет: „Поради леукемијата, ми рекоа дека имам уште една година живот“
Татјана Шлосберг, новинарка и внука на Џон Ф. Кенеди, откри во саботата дека ѝ е дијагностициран терминален рак, леукемија и дека докторите ѝ соопштиле дека ѝ останува помалку од една година живот. Во својата исповед, таа остро го критикува братучедот Роберт Ф. Кенеди Помладиот, обвинувајќи го дека неговите политички одлуки како секретар за здравство и социјална заштита негативно се одразиле врз нејзиниот пат низ болеста.
Препорачано
View this post on Instagram
Во есејот за „Њујоркер“ (The New Yorker), под наслов „A battle with my blood“, 35-годишната ќерка на Каролина Кенеди и Едвин Шлосберг открива дека боледува од акутна миелоидна леукемија.
„Кога умирате, барем според моето скромно искуство, почнувате да се присетувате на сè“, почнува таа во својата потресна исповед.
„Бев најздравата личност што ја знам“
Миелоидната леукемија – тешко малигно заболување на коскената срцевина со ретка мутација – ѝ била дијагностицирана кратко откако го родила своето второ дете во мај 2024 година. Лекарите забележале необично висок број на бели крвни зрнца и од тој момент започнале испитувања.
„Не можев да поверувам дека зборуваат за мене,“ пишува Шлосберг. „Пред само еден ден препливував километар во базен, а бев во деветти месец бременост. Не повраќав. Не се чувствував лошо. Напротив – бев една од најздравите луѓе што ги познавам.“
Минала низ неколку циклуси хемотерапија, две трансплантации на матични клетки и учествувала во клинички испитувања. За време на последното од нив, лекарот ѝ рекол дека „можеби ќе може да ја одржи во живот околу една година“.
Критика кон намалувањето на финансиите за медицински истражувања
Во текот на лекувањето, таа се соочила со суровата реалност на здравствениот систем и остро ја критикува политиката на Кенеди Помладиот. Посебно ги осудува неговите антивакцинални ставови и одлуките за ограничување на финансирањето на научните истражувања.
„Додека сè повеќе од моето време го поминував со лекари, сестри и научници посветени на подобрување на човечкиот живот, го гледав Боби како кратеше речиси половина милијарда долари за истражување на mRNA вакцините – технологија која може да се примени и во борба против одредени видови рак“, пишува таа.
Таа додава дека тој „скратил милијарди долари од буџетот на Националниот институт за здравје, најголемиот светски финансиер на медицински истражувања; и дека им се заканувал со смена на експертите задолжени за препораки за превентивни прегледи за рак“, пренесува „Гардијан“.
„Не можам да направам ништо за да го сопрам ова“
Шлосберг пишува и за стравовите дека нејзините деца – ќерка и син – можеби нема да ја паметат. Чувствува огромна болка и неправда што нема да може да го продолжи, како што вели, „прекрасниот живот“ со своето семејство. Луѓето околу неа се обидуваат да ја утешат, но таа признава дека тагата никогаш не исчезнува.
„Целиот живот се трудев да бидам добра – добра ученичка, добра сестра, добра ќерка… Да ја штитам мајка ми и никогаш да не ја растажам. А сега донесов нова трагедија во нејзиниот живот и во животот на нашето семејство, и не можам ништо да направам за да го спречам тоа“, вели таа.
Есејот го завршува со мисли за тоа на што го насочува времето што ѝ останува. Се надева дека ќе може да го „исполнува своето сеќавање“ со моменти со своите деца.
„Се трудам да бидам присутна со нив сега. Но да се живее во сегашноста е потешко отколку што звучи, па ги пуштам спомените да доаѓаат и да минуваат… Ќе продолжам да се обидувам да се сеќавам.“


