Бокс меч на столетието: 45 години од борбата во која Али го уништи Форман

Во времето кога САД беа длабоко навлезени со војната во Виетнам, спортскиот свет се подготвуваше за најголемиот боксерски спектакл на сите времиња, Мухамед Али против Џорџ Форман. Поради одбивањето да се приклучи на војската на САД во 1967 година, на Али му беше одземен шампионскиот појас во тешка категорија. По неколку години организирање митинзи против војната во Виетнам, одлучи да се врати во рингот и да го предизвика тогашниот шампион, Џорџ Форман.

Али имаше 32 години, додека Форман имаше 25 години и импресивна статистика зад своето име, во своите 40 мечеви, дури во 37 победи со нокаут во првите три рунди, а до пресметката со Мухамед Али имаше серија од 24 нокаути, од кои последните осум противници не издржаа повеќе од две рунди.

Притоа успеа да ги нокаутира едни од најдобрите боксери во историјата, Кен Нортон и Џо Фрејзер, единствените двајца кои пак успеале да го победат Али. Форман според обложувалниците беше голем фаворит, но на гледачите, ТВ куќите и целито свет, очекувано Али им беше миленик.
Ова беше една од првите борби кои ја организира контроверзниот менаџер Дон Кинг, а се одржа на иницијатива на претседателот на Заир, Мобуто Сесе Секо, кој и на двајцата боксери им обезбеди хонорар од по пет милиони долари. Беше одлучено бокс мечот да се одржи во тогашен Заир, а сега Конго, и беше наречен „Rumble in the jungle“.

И двајцата боксери пролетта и летото во 1974 година ги поминаа на подготовки во Заир, а првично борбата требаше да се одржи во септември, но поради повредата на Форман, беше презакажана за октомври. За време на подготовките Али се стекна со статус на божество, цела Африка навиваше за него и со нетрпение го очекуваа спектаклот.

Бокс мечот се одржа на стадион кој беше користена за ликвидација на политички дисиденти. Али и неговиот тренер Анџело Данди знаеја дека шампионот Форман ќе оди на брз нокаут и со таквиот пристап ќе потроши многу енергија. Токму на овој меч, фановите се запознаа со техниката „rope-a-dope“ (наслонување на боксерот на јажињата) со која Али ја чуваше силата и ги избегнуваше ударите, додека Форман го тераше што побрзо да се истроши.

Бокс мечот започна во четири часот наутро, а уште по првиот звук од гонгот, дури 60.000 навивачи во стадионот извикуваа: Ali bomaye (Али, уби го).
Младиот и силен Форман тргна агресивно и тоа беше што го предвиде и го посакуваше Мухамед Али бидејќи знаеше дека противникот нема искуство во долги мечеви и затоа постојано го провоцираше.
– Какви ти се тие удари, удираш како дете – му зборуваше Али, додека Форман постојано удираше и ја трошеше енергијата.

„Знаев дека Али ќе го совлада Форман. Џорџ отсекогаш одеше на брз нокаут и поради тоа трошеше многу енергија – изјави Данди во 2010 година, кој исто така откри дека тактиката „rope-a-dope“ ја предложи фотографот Џорџ Калински.

Најпознатиот момент од „Rumble in the jungle“, беше во осмата рунда кога веќе уморниот Форман се обидува со последните атоми од силите да го притисне Али кој успешно се брани и на осум секунди до крајот со серија удари го прати шампионот на подот.

„Еден, два, три…“ одбројуваше коментаторот, додека сите 60.000 навивачи беа на нозе и го чекаа крајот на броењето. Кога судијата избора до 10, а Форман сè уште беше зашеметен, цела сала експлодира од возбуда бидејќи Мухамед Али стана шампион, а Форман го доживеа првиот пораз.

Освен што се смета за најголем бокс меч во историјата „Rumble in the jungle“, воедно е и еден од најголемите спортски спектакли и до денешен ден служи како инспирација за младите генерации на боксери но и спортисти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот