Богоев засега не е однесен пред суд и нема информации дали ќе се бараат некакви мерки
Ниту Финансиската полиција, ниту Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, не потврдуваат дека поранешниот директор на Царинската управа и поранешниот градоначалник на скопски Карпош од СДСМ, Стефан Богоев е приведен и нема информации дека се бараат некакви мерки за обезбедување за него.
Препорачано
Засега ниту Богоев, ниту другите осомничени во случајот кој вчера одекна во јавноста како вест дека е „приведен Стефан Богоев за злоупотреби со тендери“ не се однесени пред судија за претходна постапка во Кривичниот суд.
Со реакција излегоа единствено од неговата матична партија. Последните неофицијални информации беа дека се врши претрес во неговиот дом и официјалните информации кои беа соопштени од Управата за финансиска полиција и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Од Управата информираа дека акцијата се спроведува врз основа на предистражна постапка, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Според првичните информации, постојат основи на сомнение дека службени и други лица ги злоупотребиле својата функција, влијание и општествена положба за стекнување противправна имотна корист од големи размери.
Од Финансиската полиција посочија дека активностите се дел од поширока истрага за повеќе кривични дела од областа на финансискиот криминал и корупцијата. Во согласност со насоките на надлежниот јавен обвинител, приведени се повеќе осомничени лица, а истрагата продолжува.
Дека е во тек голема полициска операција, потврдија и од Обвинителството.
„Под координација на ОЈО ГОКК, Управата за финансиска полиција спроведува акција поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела од коруптивна природа“, информираа од ОЈО ГОКК.
СДСМ Карпош му даде поддршка на Богоев, додека СДСМ, во својата реакција не пишува за негово апсење, туку за отворање на случај против него.
– На денот кога претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта пристигна во Македонија, кој го потврди она што го говори СДСМ и порача дека без внесување на малцинствата во Уставот нема поместување од мртва точка, токму тогаш предмет за Стефан Богоев – реагираат денеска од опозицискиот СДСМ.
Ќе ги дочекаат ли карпошанки ветените бесплатни прегледи за остеопороза?


