Блејк Лајвли бара отштета од 161 милион долари: На списокот на потенцијални сведоци се Тејлор Свифт, Џиџи Хадид, Хју Џекмен…
Се појавија нови детали во правната битка што актерката Блејк Лајвли ја води за филмот „Се завршува со нас“. Според новите судски документи, 38-годишната актерка тврди дека претрпела загуби поголеми од 160 милиони долари поради наводна кампања за клевета, а ѕвезди како Тејлор Свифт и Хју Џекмен би можеле да бидат повикани како сведоци на судењето, објавува „Варајати“.
Препорачано
Во судските документи поднесени од нејзиниот правен тим, Лајвли бара отштета во вкупна вредност од 161 милион долари. Нејзините адвокати велат дека таа изгубила најмалку 56,2 милиони долари во минати и идни приходи од глума, продуцирање, говорнички ангажмани и спонзорства. Покрај тоа, тие проценуваат загуби од 49 милиони долари за нејзиниот козметички бренд „Блејк Браун“ и 22 милиони долари за нејзината компанија за пијалоци „Бети Буз/Бети Баз“.
Исто така, се тврди дека таа претрпела штета на репутацијата од најмалку 34 милиони долари, врз основа на анализа на 65 милиони негативни импресии на социјалните медиуми. Нејзиниот тим забележува дека овие бројки се прелиминарни и ќе бидат предмет на експертска евалуација за време на судењето.
Експертите веруваат дека станува збор за тактика. „Ова се фиктивни бројки“, рече Грегори Дол, адвокат од Лос Анџелес. „Сакате да наведете бројка доволно голема за да ја загрижите другата страна и да ја охрабрите да се спогоди.“
Судењето во овој случај моментално е закажано за март 2026 година. Судските документи на Блејк Лајвли, исто така, ги наведуваат познатите пријатели и влијателните директори кои би можеле да сведочат бидејќи поседуваат информации релевантни за случајот.
На списокот на потенцијални сведоци се наоѓаат Тејлор Свифт, Емили Блант, Џиџи Хадид, Хју Џекмен и Скутер Браун. Покрај нив, би можеле да сведочат и извршниот директор на „Ендевор“, Ари Емануел, претседателот на „Сони пикчерс“, Тони Винчикера, и раководителот на филмскиот оддел на „Сони“, Том Ротман. „Сони пикчерс“ го дистрибуираше „It Ends With Us“, додека нивното студио „Колумбија пикчерс“ го продуцираше.
Во меѓувреме, контратужбата за клевета од 400 милиони долари поднесена против Блејк од страна на Џастин Балдони неодамна беше отфрлена по втор пат бидејќи неговиот тим го пропушти рокот за измена и повторно поднесување.


