Блан ќе биде преодно решение во Барселона до доаѓањето на Чави
Лоран Блан е најсериозен кандидат да ја преземе тренерската позиција од Кике Сетиен кој не ги оправда очекувањата.
Барселона ја загубија титулата во Ла Лига од Реал Мадрид, а згора на тоа каталонците не претставуваа сериозен ривал на новиот шампион откако екипата ја презеде Кике Сетиен.
Барселона играше очајно, не успеа да победи во ниту едно големо дерби и предноста пред паузата поради коронавирусот веднаш се стопи, па поради тоа главна тема во каталонските медиуми е дали Сетиен ќе ја предводи екипата и во Лигата на шампионите и потоа да добие отказ или тоа да се случи уште сега.
Еден од главните кандидати за негов наследник е Лоран Блан кој треба да биде преодно решение, пишува каталонски „Спорт“.
Блан би ја предводел екипата само една сезона, а тој нема ништо против вакво сценарио. Тој треба да биде решение со кое Барселона ќе го пополни вакуумот додека во клубот се врати легендарниот капитен Чави Ернандез и тоа као тренер.
Според „Спорт“ Чави го чека идното лето и сака да го види исходот од претседателските избори во клубот бидејќи тој веќе му има дадено збор на претседателскиот кандидат Виктор Фонт. Фонт освен Чави во Барселона планира да врати уште најмалку две клупски легенди, Карлес Пујол би бил нов директор, додека место во управата го чека и Андрес Иниеста и поради ваквите најави тој се смета за фаворит на изборите кои ќе се одржат идната година.
Лоран Блан има настапувано за Барселона како играч во сезоната 1996/97, а има и завидно тренерско искуство водејќи ги екипите на Бордо, ПСЖ, а беше и селектор на француската репрезентација, но од 2016 година е без ангажман и работи како ТВ аналитичар.