Фотомонтажа: Слободен печат

Битката за јавен обвинител со јавни напади и закани за разрешување – и Панчевски ќе се пресметува со Ристоска!

Еден од кандидатите, Владимир Панчевски, вели дека ќе бара разрешување на неговата противкандидатка Ленче Ристоска, против која јавно се огласи и поранешната разрешена обвинителка Лејла Кадриу. За наредната недела е најавена седницата на Советот на јавни обвинители, на која треба да се разгледуваат петте кандидатури за државен обвинител

Повеќето од кандидатите за републички јавен обвинител доставиле програма за својата работа – се залагаат за транспарентно, професионално обвинителство, борба против корупцијата, отворање граѓански канцеларии, но она што паѓа в очи во оваа „битка“ за главното обвинителско столче е најавата на еден од кандидатите – Владимир Панчевски – дека ќе бара разрешување на неговата противкандидатка Ленче Ристоска.

Овие најави следуваат по нападите на поранешната разрешена обвинителка Лејла Кадриу против ексобвинителите на Специјалното обвинителство, меѓу кои беше и Ристоска, токму спроти седницата на Советот на јавни обвинители, на која треба да се разгледуваат петте кандидатури за државен обвинител – на в.д. обвинителката Анита Тополова-Исајловска, обвинителките Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески и разрешениот судија Владимир Панчевски.

Владимир Панчевски

Панчевски ќе барал разрешување на Ристоска

 

Тројца од кандидатите одговорија на прашањето на „Слободен печет“, дали имаат програма и кои се нивните планови, одговор не добивме единствено од Тополова – Исајловска и од Савески, кој најави коментар по мислењето на Советот на јавни обвинители.

Ленче Ристока/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

– Доставив програма, иако кандидатите не се должни да доставуваат програма за оваа функција. Нема да откривам детали, програмата е развојна, со акцент кон граѓаните и нивните очекувања и има околу 50 страници. Да почекаме со изборот на еден од кандидатите. Целта ми е отворање кон граѓаните со граѓански канцеларии во секое јавно обвинителство. Нема повеќе само „допрен глас“ кој може и да не допре, туку обврска директно гласот на граѓанинот да дојде и да извести и пријави за својата мака. Секако, сите кандидати имаат свои квалитети, сите лично ги познавам и сум имал лична соработка, освен негативното искуство со Ристоска, која водеше постапка против мене, за која сега сум во комуникација со Стразбур и очекувам позитивен исход, по кој во постапка ќе поднесам барање до институциите на РСМ за нејзино разрешување поради одлука на Стразбур, нормално и надоместок на штета – вели Панчевски за „Слободен печат“.

Тој всушност беше осуден за злоупотреби со АКМИС системот и Судскиот совет го разреши од судиската функција. Ристоска јавно ја објави својата програма, а нејзин приоритет ќе биде силната и доследна борба против корупцијата.

ВИДЕО | Мицкоски вели дека Македонците веќе не се пронаоѓаат на Западот, тој бил „левичарско-прелиберална“ средина

– Мојата програма е насочена кон јакнење на самостојноста, професионалноста и ефикасноста на Јавното обвинителство, со цел заштитата на јавниот интерес и зголемување на довербата кај граѓаните. Приоритети ќе ми бидат силната и доследна борба против корупцијата, унапредување на квалитетот и одговорноста во работењето, заштита на интегритетот на обвинителите и целосно почитување на владеењето на правото. Ќе се залагам за модерно обвинителство, во чекор со новите технолошки можности и безбедносни предизвици, каде што транспарентноста ќе биде едно од клучните оружја за борба против недозволени влијанија и притисоци – вели Ристоска за „Слободен печат“.

Фото: Призма

Јавна дебата на кандидатите

 

За да се избере најквалитетниот кандидат, според Ристоска, неопходно е јавноста да има увид во резимеата и програмите на сите кандидати, како и да се овозможи јавна дебата во која тие ќе ги образложат своите визии и приоритети.

Цветановски, Биковски, Топалова-Исајловска – имиња кои се споменуваат за наследник на Коцевски

– Само преку транспарентна и отворена постапка може да се оцени дали изборот е направен врз основа на квалитет и програма, а не на други критериуми – децидна е Ристоска.

Своја визија и програма има и обвинителката Лидија Раичевиќ, која по вторпат се пријавува и очекува процесот на избор да ги задоволи очекувањата на граѓаните, но вели дека одговорноста за тоа е на оние што избираат, а не на кандидатите.

– Мојата програма е најава за стратегија. Во неа пишувам што треба да направам. Не е направена по периоди, затоа што по стратегијата ќе следува елаборат во првите три месеци што да се прави целиот мандат. Инаку, содржи согледување на општествениот момент во кој се кандидирам за да им стане јасно на тие што ќе ја прочитаат дека сум јас свесна за сите предизвици што ме очекуваат, па потоа кои се првите чекори што да се направи со предметите што се затечени, каква анализа, какви чекори. Вториот, поголемиот дел ми е – перспективни решенија, затоа што вие можете да ја видите состојбата и може да се занимавате темелно со расчистување на неправилности, но ако не го влечете обвинителството напред во организациско-техничка и друга смисла, не сте осудени на силен успех – смета Раичевиќ.

Анита Топалова Исајловска- в.д. републички јавен обвинител- Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Идната недела мислење на Советот на јавни обвинители

 

Судијата Ненад Савески одлучил дека додека не добие позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, да не дава изјави за јавноста. Прашања испративме и до в.д. обвинителката Тополова-Исајловска, која откако е назначена нема дадено изјава за медиумите во однос на тоа кои ќе бидат нејзините приоритети, кои конкретни мерки и реформи ќе ги спроведе за зголемување на борбата против корупцијата и транспарентноста. До објавувањето на текстот не добивме одговор.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Башким Бесими за „Слободен печат“ вели дека во петокот стигнале кандидатурите и се очекува наредната недела тој да закаже јавна седница на која Советот ќе даде мислење за секој од кандидатите. Советот, во согласност со законските одредби, има рок од 15 дена да достави мислење до Владата за секој од кандидатите.

По добивањето на мислењето од Советот, Владата треба да утврди предлог и да го достави до Собранието, каде што со 61 глас се избира новиот државен јавен обвинител. Во оваа постапка се применува редоследот утврден со Законот за Јавното обвинителство. Ако Советот не достави позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата не може да предложи избор и Собранието мора да распише нов оглас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот