Владимир Панчевски сака да биде државен јавен обвинител

Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, официјално поднесе кандидатура за функцијата државен јавен обвинител, која досега ја извршуваше Љупчо Коцевски. Во пријавата доставена до Собранието, Панчевски наведува дека ги исполнува сите општи и посебни законски услови за извршување на оваа висока функција.

Коцевски во декември поднесе оставка на функцијата непосредно пред Собранието да го разреши, по долготрајните критики за неговата работа кои јавно ги изнесуваше премиерот Христијан Мицкоски. До изборот на нов шеф на обвинителите во земјава, за вршител на должноста е назначена Анита Тополова-Исајловска, досегашната заменичка на Коцевски.

Само уште поранешниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, досега јавно најави кандидатура за највисоката обвинителска функција.

Владимир Панчевски има контроверзно минато како поранешен претседател на скопскиот Кривичен суд. Најсериозните обвинувања против него се однесуваа на злоупотреба на Автоматизираниот систем за распределба на судски предмети (АКЦМИС). Според обвинението поднесено против него, во периодот додека раководеше со Кривичниот суд, тој незаконски влијаел врз распределбата на предметите, со што се овозможувало тие да завршуваат кај однапред одбрани судии. За ова дело беше осуден на затворска казна, иако предметот помина низ повеќе судски инстанци и повторувања на постапката.

Судскиот совет тогаш го разреши Панчевски од судиската функција, оценувајќи дека неговото постапување сериозно го нарушило угледот на судството. Во јавноста беше забележан и друг случај, во кој против него беше изречена пресуда за мобинг кон судски службеник.

Собранието на 12 јануари распиша оглас и со тоа започна постапката за избор на нов државен јавен обвинител. Пријавување трае 15 дена од денот на објавувањето на огласот во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот