Цветановски, Биковски, Топалова-Исајловска – имиња кои се споменуваат за наследник на Коцевски
Откако власта ја почна постапката за разрешување на републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, која сè уште трае, почна да се лицитира и со имиња на обвинители кои би можеле да го наследат Коцевски на предлог на Владата. Најспоменуван е обвинителот Јован Цветановски кој заедно со обвинителот Мустафа Хајрулахи е дел од обвинителската „војна“ која почна откако ВМРО-ДПМНЕ ја освои власта.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Цветановски и Хајрулахи го обвинија Коцевски дека им вршел притисок за случајот со бонусите исплаќани на обвинителите од поранешното Специјално јавно обвинителство кој беше „реотворен“, откако жалба поднесе ВМРО-ДПМНЕ, а претходно беше запрен со решение на Обвинителството. Цветановски тврдеше дека заканата му била упатена преку неговиот шеф Хајрулахи и, исто така, беше најгласен кога тврдеше дека Коцевски во септември му рекол да внимава каква одлука ќе донесе за овој предмет, за потоа Коцевски, според Цветановски, да нарача вонреден надзор врз Обвинителството.
Во една прилика на прашањето до Цветановски дали има амбиции да стане нов републички јавен обвинител, тој ниту потврди, ниту демантираше.

– Ова не е место за моите амбиции. Јас сум од мојата 27-ма година во Обвинителство. Не сум размислувал за тоа – им рече тој на новинарите. Тој беше избран за виш јавен обвинител во 2016 година.
Биковски беше обвинител во случајот против Заев и Верушевски
Во овие неполни девет години како член на Вишото обвинителство Цветановски во два случаи постапуваше спротивно од своите колеги. Во случајот „Поштенска банка“, Цветановски, за разлика од обвинителот Бурим Рустеми кој го водеше предметот, не поднесе жалба до Апелацискиот суд.
Цветановски, исто така, побара случајот „Талир 2“ (за изградбата на партиското седиштето на ВМРО-ДПМНЕ) да се врати на повторно судење, а за случајот „Тортура“ – да се потврди ослободителната пресуда за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
На прашањето за впечатокот во јавноста дека постапува контра своите колеги, тој одговори дека тоа му го дозволува Законот.
– Законот ми ја дава таа можност, не јас или моите колеги – рече Цветановски.
Но нему му виси дисциплинска постапка која ја поведе републичкиот обвинител Коцевски за тешка дисциплинска повреда, па и тој и Хајрулахи се суспендирани.
На вишиот обвинител Хајрулахи му биле констатирани неправилности при заведување на предмети, додека за Цветановски е посочено дека нестручно и несовесно работел, бидејќи во четири предмети се откажал од жалби во второстепена постапка. За Хајрулахи отворена е и кривична истрага за малтретирање на обвинители и службеници и за злоупотреба.

Цветановски, заедно со Златко Биковски и обвинителката во пензија Гордана Гешковска, беа тројцата обвинители против кои седум години се водеше дисциплинска постапка затоа што не презеле дејствија на 27 април 2017 година, кога се случи „крвавиот четврток“ во републичкото Собрание, а Биковски се споменува меѓу имињата за републички обвинител.
Во септември минатата година Советот на јавни обвинители ја запре дисцилинската постапка против тројцата обвинители, а веќе следниот месец Биковски беше унапреден во Вишото јавно обвинителство.
Топалова-Исајловска е сопруга на ексзаменик-министер од ВМРО-ДПМНЕ
Биковски беше обвинител во случајот „Пуч“, во кој обвинет беше поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски за нелегалното прислушување, предмет во кој им се судеше ним и на поранешните вработени во УБК, кои го открија скандалот за нелегалното прислушување. Откако неговиот надреден, Јово Илиевски, беше избран за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, еден период Биковски беше вршител на должност во Обвинителството за гонење на организиран криминал. По „крвавиот четврток“ беше вратен во обвинителството во Берово, но од минатата година неговата кариера оди нагоре.
Третото име кое се споменува е републичката јавна обвинителка Анита Топалова-Исајловска, која бараше од врховните судии да го укинат решението со кое се одобрува обвинението во случајот „Талир“ на Специјалното јавно обвинителство за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиното образложение кое не го прифати Врховниот суд беше дека обвинението за овој предмет било поднесено во ноември 2018 година, а обвинителите на СЈО имале рок тоа да го сторат до 30 јуни 2017 година. Таа ги проблематизираше и доказите од прислушуваните разговори и бараше врховните судии да му укажат на основниот суд.

Топалова-Исајловска првпат беше избрана за обвинителка во 2009 година, во 2013 година е унапредена во Вишото обвинителство, а по само три години оди во републичкото обвинителство.
Своевремено му била заменичка на поранешниот, сега веќе починат јавен обвинител Марко Зврлевски. Според медиумските архиви, во 2011 година, таа ја отфрлила кривичната пријава на „Транспаренси интернешнел“ против тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески за злоупотреба на службената положба и овластување, за упатство за распределба на пари за политичките партии. Таа е сопруга на поранешниот заменик-министер за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Исајловски.
Постапката за разрешување на Коцевски е почната и се очекува предлогот за негово разрешување, кој уште не е јавно објавен, да биде испратен до Советот на јавни обвинители, кој треба да даде мислење. Сепак, без разлика на нивното мислење, владејачкото мнозинство во Собранието најверојатно ќе одлучи за разрешувањето на Коцевски. И покрај тоа, тој не се повлекува, затоа што тврди дека нема сторено тешка дисциплинска повреда, која е една од причините што е наведена во Законот како можност на која се повикува власта во намерата да го разреши.


