Били Кристал прв дошол во домот на Роб Рајнер: Актерот се потресол од морничавата сцена
Познатиот холивудски режисер и актер Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел беа пронајдени мртви во неделата во нивниот дом во Лос Анџелес, а трагедијата длабоко ја потресе американската јавност и филмската индустрија.
Препорачано
Според пишувањата на странските медиуми, нивните безживотни тела ги пронашла ќерката Роми Рајнер, која веднаш ја известила полицијата. По повикот до службите, таа го контактирала и актерот Били Кристал, долгогодишен пријател и соработник на Роб Рајнер.
Како што пренесува Ти-ем-зи, Били Кристал и неговата сопруга Џенис веднаш се упатиле кон домот на семејството Рајнер. Бидејќи пристигнале кратко време по откривањето на трагичниот настан, наводно ја затекнале сцената и ги виделе телата на Роб и Мишел. Според „Дејли мејл“, Кристал бил виден како оди рака под рака со сопругата, видно потресен, со раката на лицето, обидувајќи се да ги избрише солзите.
Роб Рајнер и Били Кристал беа блиски пријатели со децении, а нивната соработка остави длабока трага во историјата на филмот. Кристал ја одигра главната улога во култниот филм „Кога Хари ја запозна Сали…“ (When Harry Met Sally…) од 1989 година, кој беше режиран токму од Рајнер и стана еден од најпознатите романтични филмови на сите времиња.
Во меѓувреме, Полициската управа на Лос Анџелес соопшти дека за смртта на Роб и Мишел Рајнер е одговорен нивниот син Ник Рајнер. Сепак, од полицијата засега не откриваат детали за причината за смртта, ниту за начинот на кој е утврдена неговата одговорност.
Телата на брачниот пар биле пронајдени околу 15:40 часот по локално време, а нивниот син бил уапсен истата вечер околу 21.15 часот. Иако дел од медиумите објавија дека за Ник Рајнер била одредена кауција од четири милиони долари, од полицијата потврдија дека тој во моментов се наоѓа во притвор без можност за кауција.
Истрагата за овој шокантен случај е во тек, а јавноста со нетрпение очекува повеќе информации за околностите што доведоа до трагичната смрт на познатиот режисер и неговата сопруга.


