Бил Гејтс се кае што воопшто го познавал Епстин, ги негира тврдењата во новите објавени документи
Бил Гејтс, соосновачот на „Мајкрософт“, изјави дека „жали за секоја минута“ што ја поминал со Џефри Епстин, коментирајќи по објавувањето на досиејата на Епстин во кои се споменувал и самиот тој.
Препорачано
Гејтс изјавил во интервју за „9 Њуз Австралија“ дека било „глупаво“ што воопшто поминувал време со Епстин, и дека тврдењата на Епстин за него во досиејата биле „лажни“.
„Очигледно, Џефри си напишал мејл самиот на себе. Тој мејл никогаш не бил испратен, лажен е. Значи, не знам што мислел таму. Дали се обидувал да ме нападне на некаков начин? Ова само ме потсетува на секоја минута што ја поминав со него, се каам и се извинувам што го направив тоа“, вели тој.
Гејтс беше еден од неколкуте најбогати и најистакнати луѓе во светот споменати во милионите досиеја што американското Министерство за правда ги објави во врска со Епстин.
Тој рече дека се сретнал со Епстин во 2011 година, години откако Епстин беше осуден за сексуални злосторства, и дека имале „неколку вечери“ заедно. Тој, исто така, негираше дека некогаш бил на приватниот остров на Епстин.
„Фокусот секогаш беше дека тој познава многу многу богати луѓе и велеше дека може да ги натера да даваат пари за глобалното здравство. Ретроспективно, тоа беше ќорсокак и реков многу пати, но ќе кажам повторно, бев глупав што поминував време со него. Бев еден од многуте луѓе кои жалат што некогаш го познавале“, вели Гејтс.
Во серија мејлови од 2013 година, пак, што Епстин си ги испратил себеси, се чини дека тој сугерирал дека Гејтс имал вонбрачна врска и барал нелегални дроги.
Епстин напишал во мејл од 18 јули 2013 година дека решил да поднесе оставка од улогата што ја имал во Фондацијата Гејтс и БГ3, аналитички центар што го основал Гејтс, бидејќи „се нашол во тежок брачен спор помеѓу Мелинда и Бил“.
„Имам најголема почит кон мојот пријател, со кого се дружам седум години, и им посакувам на двајцата добро. Во мојата улога како негова десна рака, во повеќе наврати бев замолен и, ретроспективно, погрешно се согласив да учествувам во работи што се движеа од морално до етички несоодветно и постојано бев замолен да правам други работи што се приближуваат и потенцијално ја преминуваат границата на нелегалното“, напишал Епстеин.
Епстин ги опишал тие активности како „помагање на Бил да набави дрога, со цел да се справи со последиците од сексот со руски девојки, олеснување на неговите нелегални авантури, со мажени жени, до барање да обезбеди дополнителни услуги“.
Портпаролот на Бил Гејтс, пак, ги негираше обвинувањата.
„Овие тврдења се апсолутно апсурдни и целосно лажни. Единственото нешто што овие документи го покажуваат е фрустрацијата на Епстин што немал постојана врска со Гејтс и до каде би одел за да го зароби и клевети“, се вели во соопштението.
Сопругата на Гејтс, Мелинда Гејтс изјавила дека чувствува „неверојатна тага“ гледајќи го името на нејзиниот поранешен сопруг споменато во новата серија досиеја.


