Влез од Климент Охридски во дебар маало што ќе биде затворен со рампи / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Бавно оди процесот за поставување рампи на влезовите во Дебар Маало

Во однос на смирување на хаосот со огромниот проток на возила во Дебар Маало, особено во викендите, Општина Центар уште пред девет месеци најави поставување рампи на неколку локации во населбата, како физичка мерка за регулирање на сообраќајот и за заземањето на паркинг-местата за резиденти.

„Слободен печат“ тогаш направи анкета меѓу жителите, кои во најголем дел ја поддржаа оваа мерка.

ВИДЕОАНКЕТА | Што мислите за ограничувањето на сообраќајот во Дебар Маало?

Од Општината соопштија дека планот е проектот да се спроведе во три фази, а во првата фаза ќе се воспостави затворен круг помеѓу улиците Орце Николов, Климент Охридски, Партизански одреди и 29 Ноември (кај Градежен факултет). Во овој дел ќе бидат поставени електронски контроли со рампи и безжичен систем на надзор, кој ќе го регулира влезот и излезот на возилата.

Секое возило ќе има дозвола да влезе само еднаш, а пред повторен влез ќе мора претходно да ја напушти контролирана зона, а за улиците што се слепи и не овозможуваат поставување рампи, ќе се воведе безжична контрола со мобилна апликација. Жителите ќе можат бесплатно да ја отворат рампата со повик до одреден телефонски број, што ќе биде поврзан со регистарскиот број на нивното возило.

Тогаш од локалната самоуправа соопштија дека проектот ќе биде доставен до Град Скопје, а потоа ќе биде проследен до СВР Скопје за конечна согласност, а денеска од Општина Центар за оваа тема велат дека сѐ уште се утврдува точноста на документацијата, односно дека проектот сѐ уште ги минува филтрирањата.

– Проектната документација за зона на смирен сообраќај и забрана за движење на нерезиденти во зона Дебар Маало е изработена. Состаноците со Министерството за внатрешни работи се во тек, со цел да се утврди точноста на документацијата и да се отпочне со доставување до надлежните институции – информираат од Центар.

Практично, ова значи дека проектот е далеку од фазата на имплементација, бидејќи во најавата за поставување рампи од Општината објаснија дека доколку надлежните институции го одобрат овој проект, најпрвин треба да има шестмесечен пилот-проект, а потоа во зависност од задоволството кај жителите и ефективноста на овој викенд-режим, предвидено е продолжување на тест-периодот за уште една година.

Ако и тогаш се покаже како корисен за жителите, овој модел ќе премине во трајно решение за ограничување на сообраќајот во Дебар Маало, што значи дека доколку најрано утре почне пробниот период и без одложувања ги помине сите предвидени рокови, временскиот викенд режим би стапил на сила кон крајот на 2027 година.

ФОТО+ВИДЕО | Дебармаалците се „за“ спуштање рампи во населбата за викенд

Знаејќи дека оваа теорија е невозможна бидејќи документацијата сè уште не е доставена до надлежните институции, дебармаалци веројатно уште долго нема да видат рампи на влезовите во населбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот