Ауфидерзен за Мурињо, дури седум гола на празната „Местаља“! (ВИДЕО)

фото: твитер

Лајпциг благодарение на Сабицер и Форсберг го елиминираше европскиот вицешампион Тотенхем, а Аталанта на „крилјата“ на Иличиќ беше подобра од Валенсија.

Вечерва продолжија возбудувањата во фудбалската Лига на шампионите со реванш осминафиналните натпревари преку кои ги дознавме првите патници во четвртфиналната фаза, тие се екипите на Аталанта и Лајпциг.

Италијанскиот клуб Аталанта пред празните трибини (поради коронавирусот) на „Местаља“ поведе уште во третата минута со голот на Иличиќ. Израмнувањето дојде во 21. минута преку Гамеиро кој искористи невнимателноста во одбраната на калчолигашот.

Непосредно пред паузата повторно Иличиќ шутираше од белата точка за нова позитива на Аталанта.

На стартот од второто полувреме Шпанците успеаја одново преку Гамеиро да дојдат до егал, по нафрлената топка од Торес убаво со глава ја затресе мрежата на Спортиело. Потоа, Торес во 67. минута се погрижи за прво водство на Валенсија, а Иличиќ својот хет-трик го комплетираше четири минути подоцна.

Словенецот ја одигра можеби најдобрата партија сезонава, бидејќи во 82. минута го постигна и четвртиот гол за победа на Аталанта (3:4).

Потсетување дека на првиот меч во Италија на „Сан Сиро“ во Милано екипата на Аталанта триумфираше со убедливи 4:1.

Лајпциг по вторпат со 3:0 го совлада Тотенхем (лански финалист во елитата) овојпат во „Ред Бул“ Арената, пред своите верни навивачи херој беше Сабицер кој стрелаше во 10. и 21. минута. Во самиот финиш Форсберг, кој го замени Сабицер, само што влезе на теренот успеа да постигне гол. Во првите 90 минути во Англија, Германците славеа со 1:0.

Осминафинале, ЛШ – реванш (во заграда резултатите од првите натпревари)

Валенсија-Аталанта 3:4 (1:4)
Лајпциг-Тотенхем 3:0 (1:0)

В среда имаме нови интересни дуели во ЛШ, од 21.00 часот актуелниот бранител на титулата Ливерпул на својот „Енфилд“ ќе брка минимална негатива (0:1) против Атлетико Мадрид, додека Борусија Дортмунд гостува кај ПСЖ со предност од 2:1.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот