ВИДЕО | Сцената со култната Настасја Кински без градник на 13 години засекогаш отстранета
Германски режисер Вим Вендерс изјави дека ќе го блокира пристапот до неговиот филм „Погрешен потег“ (Wrong Move) од 1975 година, по апелите на актерката Настасја Кински, која била снимена без градник кога имала 13 години. Минатиот месец, Кински за еден германски весник изјави дека со години барала од Вендерс да го промени филмот:
Препорачано
„Тоа беше мојот прв филм, тој беше мојот прв режисер и не ме заштити“, пренесува „Би-би-си“.
Сепак, неодамна Вендерс изјави дека актерката „требало подобро да биде заштитена тогаш“, извинувајќи ѝ се безрезервно, без никакви ‘ако’ и ‘но’.
Како одговор на ова, нејзиниот адвокат за новинската агенција АФП изјави дека потегот е „одамна задоцнет“.
View this post on Instagram
Во соопштението објавено на Инстаграм, Вендерс рече дека филмот ќе биде повлечен од „сите тековни форми на дистрибуција и прикажување“, што значи дека „на стриминг услугите, телевизиските куќи и дистрибутивните партнери ќе им биде наложено да го прекинат јавниот пристап до филмот“.
„Многуте реакции, коментари и разговори во изминатите денови одиграа значајна улога во дополнителното изострување на моето разбирање за тогашните настани. За тоа сум благодарен. Само отворена и со почит размена на мислења може да нè доведе до преиспитување на позициите и преоценување на одговорностите. Неопходно е нашето општество да најде соодветни начини за справување со контроверзните филмски дела од 20 век и да се соочи со нови процеси на учење и инклузивни перспективи во однос на кинематографијата“.
Вендерс изјави дека ќе бара „широк дијалог“ со филмските институции и групи, и дури по постигнување на „заеднички договорено решение, кое ќе ја вклучи и Настасја Кински, филмот повторно ќе го направиме достапен“.
Адвокатот на Кински за АФП изјави дека ја „поздравува“ одлуката, но додаде:
„Исто така жалам што тоа се случи само како резултат на притисокот од јавноста“.
Филмот „Погрешен потег“, за кој Вендерс ја освои наградата за најдобар режисер на Германските филмски награди, вклучуваше сексуализирана сцена со Кински и нејзиниот колега кој тогаш бил во своите рани 30-ти години.
Во петокот, Вендерс прими признание за животно дело на Германските филмски награди.
Режисерот ја искористи својот говор за да и каже на публиката дека се „бори“ со одлуката дали трајно да ја исече сцената од филмот, барајќи помош од помладите режисери за решавање на овој проблем.
Кински по овој филм се појави гола и во филмовите „Ќерката на ѓаволот“ (1976) и „Остани каков што си“ (1978).
Говорејќи за тие рани улоги во 1997 година, таа рече:
„Да имав некој да ме заштити или да бев посигурна во себе, немаше да прифатам одредени нешта, да снимам гола. Внатрешно тоа едноставно ме распарчуваше“.
Кински подоцна стекна меѓународна слава во филмови меѓу кои и култниот хит на Вендерс од 1984 година, „Париз, Тексас“, а се појави и во неговиот филм од 1993 година, „Толку далеку, толку блиску“.


