Мурињо додека чека да биде претставен во Реал Мадрид ќе ја тужи Турција
Португалскиот стратег Жозе Мурињо додека во јавноста на големо се поврзува со Реал Мадрид, поднесе тужба против Турција до Европскиот суд за човекови права поради санкциите што му беа изречени за време на неговиот ангажман во Фенербахче.
Препорачано
Според информациите од турските медиуми, Судот во Стразбур ја прифатил апликацијата и веќе побарал официјален став од турските власти, кои во наредните шест месеци треба да достават одговор на наводите на поранешниот тренер на „жолто-сините“.
Целиот спор произлегува од дисциплинската постапка што беше отворена против Мурињо по неговите изјави по натпреварот со Трабзонспор во ноември 2024 година. Тогаш Португалецот заработи суспензија и висока парична казна, откако неговите коментари беа оценети како прекршување на правилата на Турската фудбалска федерација.
Откако жалбата пред домашните фудбалски институции беше одбиена, искусниот тренер реши правдата да ја побара пред највисоката европска судска инстанца за човекови права.
Во својата тужба Мурињо тврди дека дисциплинските органи на турската федерација не дејствувале независно и непристрасно. Дополнително, смета дека со изречените санкции му било ограничено правото на слободно изразување, како и дека не му биле обезбедени сите процесни гаранции за фер постапка.
Од Европскиот суд за човекови права посочуваат дека отворањето на случајот не значи и донесена пресуда во корист на Мурињо, туку претставува почеток на формалната процедура во која ќе бидат разгледани аргументите на двете страни.


