Официјално: Ираола е нов тренер на Ливерпул
Ливерпул и официјално го потврди назначувањето на Андони Ираола за нов менаџер на клубот, откако Арне Слот ја заврши својата епизода на клупата на „црвените“. Иако од „Енфилд“ не ги открија деталите од договорот, британските медиуми пренесуваат дека соработката би требало да трае до 2029 година.
Препорачано
Шпанскиот стратег пристигнува во Ливерпул по успешниот период во Борнмут, каде што за три сезони направи вистинска трансформација на тимот. Откако во првата година заврши на 12. позиција во Премиер лигата, следуваше деветтото место, а минатата сезона клубот стигна до историското шесто место и обезбеди настап во Лигата на Европа. Борнмут беше на чекор и до Лигата на шампионите, но на крајот му недостасуваа само три бода за сензационен пласман меѓу европската елита.
Дополнително импресионира фактот што во вториот дел од сезоната тимот на Ираола претрпе само еден првенствен пораз, и тоа од шампионот Арсенал.
Во своето прво обраќање како тренер на Ливерпул, 43-годишниот Шпанец не го криеше задоволството од новиот предизвик и истакна дека едвај чека да ја почувствува магијата на „Енфилд“ од домашната страна.
Тој се потсети на натпреварот кога како противнички тренер гостувал во Ливерпул и бил сведок на ерупцијата од емоции на трибините по голот на Федерико Киеза во финишот од мечот.
„Сега сакам да го доживеам истото, но како дел од Ливерпул. Свесен сум дека треба да го заслужам своето место во клубот и што побрзо да изградам врска со навивачите. Фудбалот за мене е страст и емоција, а нема подобро место за тоа од Енфилд. Ливерпул ми дава можност да работам со врвни фудбалери и да се борам за најголемите трофеи. Ги разбирам очекувањата и подготвен сум за предизвикот“, порача Ираола.
Шпанецот во својата тренерска кариера претходно ги водеше АЕК Ларнака, Мирандес и Рајо Ваљекано, а со доаѓањето на „Енфилд“ стана само втор шпански стратег на клупата на Ливерпул по легендарниот Рафаел Бенитез, кој во 2005 година ја освои Лигата на шампионите со англискиот гигант.


