Андријана Будимир ја врати Војводина во српската Суперлига, а сега заминува?
Легендарната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров, Андријана Будимир најверојатно нема да ја предводи Војводина во новата сезона, иако успешно ја оствари главната задача и го врати клубот во најсилното српско женско ракометно првенство.
Препорачано
Според пишувањата на српскиот весник „Дневник“, соработката меѓу Будимир и новосадскиот клуб завршила по крајот на сезоната, а раководството веќе започнало потрага по нов тренер.
Будимир презеде тимот во чувствителен период и успеа да ја реализира зацртаната цел, враќање во елитното друштво. Војводина не обезбеди директен пласман како лидер во Супер Б лигата, па патот до промоцијата мораше да го бара преку баражот.
Во решавачкиот натпревар, одигран на неутрален терен во Рума, тимот предводен од Будимир славеше против Железничар од Инџија и го завери враќањето во највисокиот ранг на српскиот ракомет.
Само пред неколку дена Будимир и нејзиниот стручен штаб добија признание за успешната работа и за враќањето на клубот меѓу најдобрите, но последните информации укажуваат дека двете страни ќе тргнат по различни патишта.
За поранешната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров и двократна европска шампионка, тоа би значело крај на кратката, но успешна етапа во Нови Сад, во која успеа да ја исполни мисијата и ја врати Војводина во елитата на српскиот женски ракомет.


