Архитектите бараат Богдановиќ да го повлече предложениот ДУП за Мал ринг

Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ бара градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и претседателката на општинскиот совет Цветанка Симобовска да го повлечат и да го преработат Предлог-детaлниот урбанистички план за Градска четврт Ц01 – Мал ринг 1, за кој денеска во 10 часот е закажана јавна презентација.

ААМ оценува дека станува збор за објекти и земјиште во државна сопственост и објекти кои во својата суштина во најмала рака се спорни, поради што сметаат дека за ваков предлог-план нема потреба од јавна презентација и јавна анкета пред спорните објекти да бидат исфрлени од планот.

– Причината поради која бараме да го повлечете предлог-планот е едноставна. Во планот се планирани истите објекти што беа спорни и во претходниот криминален план со кој беше овозможена изградба на објектите од таканаречениот проект „Скопје 2014“ – вели Мартин Пановски, претседател на Управниот одбор на ААМ во реакција за предложениот ДУП Мал ринг.

Според ААМ, со предложениот план се дава потврда и реафирмација на изградениот, но и на неизградениот дел од проектот „Скопје 2014“.

– Со овој предлог план вие давате институционална потврда и реафирмација на изградениот, но што е уште пострашно и на неизградениот дел од проектот „Скопје 2014“. Нашата зачуденост е уште поголема бидејќи на 17 декември 2017 година донесовте одлука, која сѐ уште важи, за мораториум на градба во општината додека сите планови кои сметате дека се лоши не се ревидираат. Новите ревидирани планови ги носите по приоритет, притоа условите за приоритетот по кој се носат плановите никогаш не ѝ беше соопштен на јавноста. Бидејќи овој план е повеќе од 90 проценти реализиран, ААМ подразбира дека приоритет ви е изградба на Споменикот Мајка Тереза (поставен врз ул. „Орце Николов“), т.н. Шпански скали, потврда на додадениот трем на Стоковната куќа НАМА од архитектот Славко Брезовски и потврда на статусот на заштита на Спомен куќата на Мајка Тереза и Триумфалната порта, и со тоа конечно завршување на проектот „Скопје 2014“ – стои во реакцијата.

Градоначалникот на Центар пак, вчера преку својата фејсбук-страница ги повика сите заинтересирани да дојдат на денешната презентација на ДУП Градска четврт Ц 01 – Мал ринг 1 и да ги искажат своите ставови и предлози за изготвување на квалитетен Детален урбанистички план.

– Овој ДУП ќе биде многу поквалитетен и во интерес на граѓаните и на Општина Центар. Како градоначалник на Општина Центар сакам да посочам дека Општина Центар досега не преземала никакви дејства со кои се нанесува штета на општината или на државата. Ние само лошиот ДУП го менуваме со поквалитетен. Против проектот „Скопје 2014“, кој е легален криминал, се бориме со легални средства. Досега како градоначалник, не дозволив да се изградат Шпански скали во Централното градско подрачје, заедно со граѓаните се боревме и не дозволивме да се изгради катна гаража во паркот зад Домот на АРМ. Во Центар сврте бројчаникот, вративме 30 милиони денари, пари на граѓаните од мостот „Око“. Во предлог-планот ги избришавме трите неизградени галии, 15 сендвичарници или киосци, фонтани и споменици, за кои не се започнати управни дејства. Успеавме и да го избришеме „Газебото“ пред МЕПСО, како и да го збогатиме просторот со нови зелени површини (во западниот дел на улица „Орце Николов“) – вели Богдановиќ.

Тој додава дека досега  до Основното јавно обвинителство поднел 27 кривични пријави за проектот „Скопје 2014“ и дека како голем успех го смета тоа што сите државни парцели наменети за згради се пренаменети во објекти за култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот